Иванов во Охрид се сретна со делегација од Комисијата за европски прашања на парламентот на Кралството Холандија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во „Вила Билјана” во Охрид, прими делегација од Комисијата за европски прашања на парламентот на Кралството Холандија.

Во фокусот на разговорите на претседателот Иванов со холандските парламентарци беше европската интеграција на Република Македонија и на земјите од Балканот.

Македонскиот претседател порача дека Република Македонија ќе продолжи со спроведувањето на неопходните реформи и подготвено ќе ја дочека одлуката за старт на пристапните преговори со ЕУ, кога таа ќе биде донесена.

Во таа смисла, претседателот Иванов го повтори ставот дека Република Македонија останува целосно подготвена да ги почне пристапните преговори со Европската Унија, како што е случај од 2009 година наваму.

Во однос на наметнатиот спор за името, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија останува целосно посветена во процесот на преговори под покровителство на Организацијата на Обединетите Нации за да се дојде до заемно прифатливо решение.

Македонскиот претседател на средбата со холандските пратеници посочи дека парламентарната димензија на соработка е од исклучително значање и придонесува за продлабочување на односите меѓу Република Македонија и Кралството Холандија.