Литванските бизнисмени заинтересирани за инвестирање во Македонија

На маргините на политичката посета на македонската владина делегација на Република Литванија, претседателот на Владата на Република Македонија г-дин Никола Груевски, министерот за информатичко општество и администрација, г-дин Иво Ивановски и заменик министерот за економија, г-дин Христијан Делев денеска (понеделник, 08.07.2013 година) присуствуваа и се обратија на бизнис форум во Вилнус, кој се одржа во организација на Стопанската комора на Литванија.

На бизнис форумот учествуваа претставници на повеќе компании од областа на информатичко – комуникациската технологија, прехранбената индустрија, трговијата и туризмот.

Премиерот Груевски во своето воведно излагање се осврна на пријателските односи со Литванија посочувајќи дека добрите политички односи треба да бидат надградени и проследени и со продлабочена економска соработка.

Премиерот Груевски ги потенцираше достигнувањата на Македонија на полето на економијата укажувајќи дека она што ја издвојува Република Македонија од останатите земји од Централна, Источна и Југоисточна Европа е нејзиниот брз напредок на листата на најреформски ориентирани земји, според угледниот „Doing Business“ извештај на Светската Банка, и тоа веќе неколку години по ред.

„Република Македонија се наоѓа на дваесет и третата позиција меѓу 185 земји од светот и е највисоко рангирана и оценета за условите за водење бизнис во однос на било која транзициска економија од Југоисточна Европа, а во однос на условите за основање бизнис, Република Македонија се наоѓа на петтата позиција во светски рамки“, – истакна премиерот Груевски.

Тој истакна дека во Република Македонија е воведена единствена даночна стапка од само 10% на персоналниот данок на доход и 10% на данокот на добивка, а е ослободена од оданочување на задржаната добивка.

Премиерот Груевски посочи дека се отвораат уште три технолошко-индустриски развојни зони во Штип, Тетово и втора зона во Скопје, а планирани се уште седум нови зони.

„Тие нудат низа поволности како што се ослободување од данок на добивка и данокот на доход во првите 10 години, даночно ослободување на реинвестираната добивка и ослободување од административни такси. Во зависност од висината на инвестицијата, даваме субвенција за уредување на земјиштето кое се дава под закуп под поволни услови за период до 99 години и обезбедени инфраструктурни погодности, како што е бесплатно приклучување до гас, електрична енергија и комунално поврзување“, – изјави премиерот Груевски во своето обраќање.

Премиерот истакна дека поволностите и инвестициските можности што ги нуди Македонија придонесоа значајни фирми да ја препознаат таа предност и да инвестираат во државата, како што се на пример компаниите „Џонсон Контролс“, „Кемет електроникс“, „Кромберт и Шуберт“, „Дрекслмејер“, „Виндтек Интернешенел“, „Протек Групацијата“ и многу други компании. Потенцирајќи ја макроекономската стабилност и ниската стапка на инфлација, тој ги покани претставниците од литванската бизнис заедница да ја посетат Република Македонија и да се уверат во нејзините потенцијали.

На форумот од име на домаќините пред присутните се обрати претседателот на Стопанската комора на Литванија, г-дин Валдас Сутрус кој истакна дека бизнис заедницата во Литванија е заинтересирана за искористување на потенцијалите за инвестирање кои ги нуди Македонија. Сутрус посочи дека литванската Стопанска комора како организација во која се обединуваат 19 бизнис асоцијации и преку 1500 компании смета дека желбата за соработка и можноста за инвестирање која ја нуди Македонија ќе им помогне на литванските бизнисмени да ги искористат бенефициите и поволностите кои ги нуди државата. Тој посочи дека Македонија е добар пример за тоа како се исполнуваат добри предуслови за развој и напредок на бизнисите и секако дека привлекува интерес со инвестициските можности кои се на располагање, и додаде дека како Комора тие ќе ги стимулираат своите членки да направат анализи за искористување на македонските потенцијали во функција на ширење на своето производство и бизнис.

Министерот Иво Ивановски ги потенцираше реформите во образованието, како и поволоноста за инвестирање во информатичката технологија. Тој истовремено посочи дека во Република Македонија на литванските бизнисмени им е достапна добро образована работна сила што претставува значајна компаративна предност.

„Драстично се намалени административните процедури за основање и правење на бизнис, компаниите се основаат за само 4 часа, одобренијата за градба се издаваат електронски, а институциите се поврзуваат и обезбедуваат логистика за компаниите и преставуваат нивна значајна потпора”, посочи министерот Ивановски.

Заменик министерот за економија Христијан Делев ги претстави можностите за инвестиции во енергетиката, туризмот и земјоделството, задржувајќи се на поволностите за инвестирање кои Владата ги овозможува во овие сфери и објаснувајќи ги конкретните проекти и можностите за реализација на инвестиции и бизнис во овие области.