Мултимедијална боенка „Македонските овошни приказни во стих“

Деновиве од печат излезе мултимедијалната боенка „Македонските овошни приказни во стих“ од авторот Весна Пирузева Петровска од Охрид.

„Најубаво е да се пишува за деца, бидејќи тогаш влегуваш во свет, во кој времето запира, а срцата таму се најискрени и најчисти. Токму поради тоа боенката ја осмислив како една аудио-визуелна целина: да се чита, да се бои и да се слуша“, – истакна авторката Пирузева Петровска.

Боенката е приватен проект, печатена е во „Ирис“ – Струга. ЦД–то кое содржи десет авторски песни ги чита Весна, а е снимено во студиото на Зоран Кречо во Охрид.

Зад себе, има готови две стихозбирки. Едната со љубовна тематика и другата со поезија за деца.

„Инспирација и мотиви наоѓам насекаде. Во секој облак, во секоја радост или тага, следејќи го своето срце и емоции“, – вели Весна Пирузева Петровска

Покрај со пишување поезија и проза, промовирајќи го здравиот начин на живеење таа има напишано и Прирачник за здрав живот и други брошури кои опфаќаат теми од областа на нутриционизмот.