Јуниорите продолжуваат со тренинзи во Скопје во пресрет на ЕП во Струмица

Репрезентацијата на Македонија до 18 години во текот на целата мината седмица беше во Словенија, а во текот на викендот одигра и две пријателски средби со домашната репрезентација, во склоп на подготовките за настап на ЕП. Селекторот Мирза Куртовиќ потенцираше дека е задоволен од одработеното.

Редовни тренинзи, по два дневно, оваа седмица се одржуваат во салата „Градски Парк“ во Скопје, како последна фаза од подготовките пред заминувањето за Струмица во понеделник. Пријателските натпревари кои тимот на Мирза Куртовиќ ги одигра против Словенија минатиот викенд беа последни подготвителни, па иако нашата репрезентација беше поразена во двете средби, селекторот истакна дека е задоволен од кошаркарите, кои добро подговтени ќе го пречекаат континенталниот собир. 

„Доста сум задоволен од тоа што момците го изработија во текот на целите подготовки во Словенија. Задоволен сум од пристапот кон тренинзите, кон натпреварите и од она што го тренираа и одиграа. Покажаа карактер, срце и желба, сакаат да играат и да се докажуваат. Словенија е една од најдобрите европски селекции во оваа категорија, која е вклучена и меѓу главните фаворити на Првенството во А-дивизијата, а ние бевме изедначен противник, имавме можност и да победиме во првата средба, но на крајот детали решија тие да слават. Како и да е, продолжуваме да работиме во силно темпо во Скопје и подготвени ќе го пречекаме почетокот на Првенството во Струмица“, продолжи селекторот Куртовиќ.

Моментално на тренинзите работат 13 кошаркари, а селекторот Куртовиќ потенцираше дека до петок ќе го соопшти и конечниот список од 12 играчи кои ќе ја претставуваат нашата земја на Првенството. Заклучно со сабота ќе се тренира редовно, недела ќе биде слободен ден, а во понеделник репрезентацијата ќе се пресели во Струмица во очекување на првиот натпревар на 18 јули. 

„Не е тајна ако кажеме дека нашата главна сила доаѓа од бековските позиции, но ние имаме на располагање и квалитетни високи кошаркари кои претставуваат добра иднина и за нашата сениорска репрезентација. Во текот на минатиот период, заедно со мојот стручен штаб, имав можност да се запознаам подетално и со противниците преку прегледување на снимки и можам да кажам дека Полска и Финска се меѓу најдобрите селекции, сепак, очекувам доста изедначена група и генерално, доста изедначено Првенство со поголем број тимови со реални високи амбиции. Одиме во Струмица максимално подготвени и веруваме во добри резултати. Одработивме навистина квалитетен подготвителен период, со силни тренинзи и квалитетни пријателски и тоа секако дека ќе има големо влијание за наше што подобро издание на Европското првенство“, заврши Мирза Куртовиќ.

Македонија е во група со Полска, Унгарија, Данска и Финска, а токму на 18 јули, на денот на почетокот на Првенството, ќе се сретне со силната Полска во дербито. Првопласираните две репрезентации од групата продолжуваат во четвртфинале. Европското Првенство во Струмица ќе трае до 28 јули.