Јавна расправа за Законот за медиуми

Во Собранието на Република Македонија денес се одржа седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија, на чиј дневен ред беше јавната расправа за Законот за медиуми.

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, во воведното обраќање образложи дека законот се однесува на сите медиуми и оти од неговото прво претставување во јавноста досега се направени повеќе измени и дополнувања, по предлог на странските и на домашните експерти, здруженија и асоцијации.

Тој се задржа на слободата на изразувањето и правата на новинарите, како едни од најзначајните сегменти од нацрт-текстот на законот, истакнувајќи дека во тој дел се земени предвид европските искуства и сугестиите од претставниците на ОБСЕ и Советот на Европа.

„Предлагаме закон со кој ќе се заштитат новинарите и ќе им се овозможи слобода на изразувањето, закон кој ќе помогне во развојот на медиумскит сектор во земјата и ќе го направи независен, а сопствениците на медиумите ќе имаат поголема одговорност“. – рече министерот Ивановски.

На денешната јавна расправа за Законот за медиуми учествуваа новинарски здруженија и асоцијации, уредници и новинари од медиумскиот простор во земјата, а присутни беа и пратеници во Собранието на Република Македонија.

Министерот Ивановски потсети дека на 13 август ќе се одржи уште една јавна расправа за двата закона за медиуми и на неа ќе учествуваат експерти од мисијата TAIEX, од ОБСЕ и од Советот на Европа.