Најволшебното дело на Шекспир „Сонот на летната ноќ“ вечерва на „Охридско Лето“

Класика со многу реализам и индиска фантазија. Премиерата на најволшебното дело на Шекспир„Сонот на летната ноќ“, во режија на  Иван Лео Лемо Загреб, Р. Хрватска а изведба на Народен театар – Охрид , вечерва пред охридската публика. Сцената на малата сала во Центарот за култура ќе донесе повторно премногу возбуда, но и нов дух, голема промена и освежување. Режисерското дело на Лемо, поставено во градот каде се спојуваат  културите,  ја отсликува длабочината на секоја реченица на Шекспир.  

„Охрид е волшебен град. Поради тоа нема подобро место на светот за да се игра оваа претстава да се постави средишниот дел на фабулата, на оваа комично-мелодраматична бајка се случува во една шума во која владеат самовили, исто како што во волшебниот Охрид владеат светци и ги мијат неговите брегови со митското езеро. Како што во Охрид коегзистираат различни култури и со своето заемно преплетување го спојуваат таканаречениот Исток со таканаречениот Запад, на ист таков начин во оваа инсценација на „Сонот на летната ноќ“ се спојуваат елементи на западната или евроатланска култура со елементите на индиската, односно ведската култура. Тие два света претставуваат семантички контрапункт кој го премостуваат Ромите, харизматичните и креативни светски патници, чија еклектична култура ја раскажува приказната за шарената цивилизација на Земјата“, вели хрватскиот режисер Лемо. 

Според него, Шекспир, најголемиот драмски алхемичар на јазикот и на фабулата, ја зачинил оваа театарска чорба со комични забуни, афродизијаци, анимални страсти, политички интриги, травестија, содомија, иронија, мелодрама и метафизика, а виталниот и имагинативен ансамбл на Охридскиот театар со гордост ви ја сервира за летна разонода и размислување.

Минатата година охридскиот театар се промовираше токму на фестивалската сцена на Охридско лето, годинава со премиерна изведба. 

Директорот на Центарот за култура Драгана  Боцевска вели дека задоволството е големо да се прави проект со големо режисерско име како Лемо. Тоа за театарот било голем успех кој дава поголемо естетско уживање на публиката.

Директорот на Народниот театар, и актер во претставата, Горан Стојановски , вели дека возбудата е голема да се работи на една ваква голема драматуршка целина што ја има направено Шекспир.

„Тоа навистина е предизвик и не само за режисерот туку и за самите актери а и одговорноста кон едно вакво големо дело навистина е голема. Но со оглед на тоа дека оваа екипа со малограѓанска свадба докажа дека е на рангот на вистинската вредност во однос на најголемите театри во Македонија, во една силна заедничка, вљубена атмосфера дојдовме до час и половина концентрат на неколку светови“, вели Стојановски.

Билјана Танески, ликот на Задрогаз во Сонот на Летната ноќ вели дека машко женската улога  на ликот, кој нема пол,  дава голема креација за оние кои го играат.

Во претставата, која почнува од 20 часот, покрај Горан Стојаноски и Билјана Танески играат и Јасмина Билаловиќ,  Билјана Билаловиќ ,Адријана Билаловиќ, Никола Тодороски, Ивица Цонев Стрезо Стаматовски ,Сашо Ристовски, Павел Маслов, Ташко Лаброски ,Борис Велјаноски, Наум Џулески, Ева Костојчиноска, Арбена Далип.