Отворена меѓународната летна школа за одговорни лидери

Во организација на Економскиот факултет од Скопје, студентската платформа- АИЕСЕК и повеќе компании од бизнис зедницата (Адора Инженеринг, Тиквеш, Битолска Млекара и Капитал Медиа Груп), во Конгресниот центар во Охрид, започна со работа Третата меѓународна летна школа, “Направи разлика – стани корпоративно општествено одговорен Европски лидер“.

Во име на градот домаќин учесниците ги поздрави претседателот на Советот на Општина Орхид, г-ѓа Гордана Коњановска, која истакна дека: „Младите генерации Македонци и нивните врсници од другите земји, можат, на креативен, одржлив и одговорен начин да одговорат на предизвиците на денешницата. Одржувањето на оваа летна школа, убедена сум дека ќе ги сплоти и уважените професори и предавачи и студентите, во заедничката мисија да создадеме квалитетни и општествено одговорни лидери, со кои Македонија и регионот ќе имаат извесна и стабилна иднина за своите граѓани“.

Во работната агенда на Летната школа е работата на случај – “Промоција на туризмот – Случајот со град Охрид“, на кој ќе работат сите 21 учесник поделени во повеќе групи, а најдобриот модул ќе биде пригодно награден од компаниите поддржувачи на летната школа.