Пораз од Хрватска на тренинг-натпреварот во Загреб

По триумфот во првиот пријателски натпревар од 78-74, сениорската репрезентација на Македонија доживеа пораз од 72-67 во Загреб од домаќинот Хрватска на вториот пријателски тренинг-натпреварот кој беше од затворен карактер.

За разлика од првата средба играна во Славонски Брод, во Загреб се играше со многу повеќе ротации во тимот, а селекторот Алеш Пипан им даде многу посериозна шанса за резервните и помладите кошаркари, особено во второто полувреме. На крајот Хрватска победи со 72-67, но Пипан потенцираше дека е задоволен од посветеноста и пристапот на неговите кошаркари и на овој натпревар, во кој резултатот беше во втор план, зад испробувањето на различните тактички варијанти кои би можеле да бидат искористени повеќе во идниот период.

Нашата репрезентација тргна назад за Скопје каде ја очекува три-дневен одмор, додека редовните тренинзи ќе ги продолжи на 11 август во СЦ „Борис Трајковски“. Следниот подготвителен натпревар за Евробаскетот нашата репрезентација ќе го игра во Скопје на 17 август кога противник ќе биде Литванија.