Свечено отворен Турнирот во стрелаштво

Денес свечено беше отворен меѓународниот Турнир во стрелаштво, што се одржува на стрелиштето „Бејбунар“.

Во името на градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и во негово лично име, пријатен престој во Охрид, успешно  натпреварување  и  многу другарување им посака советникот при Општина Охрид, Климе Шешоски.

Турнирот во стрелаштво по повод Илинденските празници, што го организира Општинскиот стрелачки сојуз е продолжување на успешната  повеќедецениска традиција на развојот на овој спорт во Охрид. На овој турнир, заедно со пријателите од клубовите од Република Србија и Република Бугарија, имаа можност да ги одмерат силите и да постават нови рекорди.

Охрид е древен град, во кој 7 илјади години континуирано се одвивал организиран живот на човекот, град кој заедно со Охридското Езеро е на листата на УНЕСКО  како  светско,  заштитено културно и природно наследство. На овие простори, низ милениумите, сите цивилизации оставале свои траги, врз кои  и нашата генерација со многу проекти сака да остави белег во богатата историја на овој древен град. Охрид е најразвиениот туристички и културен центар во Република Македонија и најпознат македонски бренд во регионот, Европа и светот.

„Ние како локална власт, постојано се стремиме да го задржиме и унапредиме овој статус, со развој и на другите стопански сектори, културата и спортот. 

Како одговорна локална власт, сме определени да го подржуваме и развојот на стрелаштвото, еден од најтрофејните спортови во Охрид. На тоа не обврзуваат преполните витрини со медаљи освоени на домашни и големи меѓународни натпревари, но и  реализацијата на нашата определба, да создадеме услови, со спорт да се занимаваат што поголем број млади луѓе“. – истакна советникот Шешоски.

На крајот Шешоски им порача на натпреварувачите, покрај спортските  натпревари, слободното време да го искористат за дружење со пријателите, за како што рече, кога ќе се вратат во своите домови, со себе да понесат барем дел од убавата охридска приказна.