Во Скребатно на 24 август ќе се одржи „Охридска Софра“

На 24 август, сабота, во организација на Секторот за Туризам и Локален Економски Развој при Општина Охрид, во селото Скребатно за прв пат ќе се одржи Манифестацијата „Охридска Софра“. Оваа манифестација претставува извонредна можност за комбинација на соодветни настани каде што на граѓаните, гостите и посетителите ќе им биде презентирано богатството на охридската традиционална храна, пијалоци и други етнолошки вредности како дел од севкупната туристичка понуда и туристички производ.

Како главни активности на оваа манифестација ќе бидат промоција на традиционални јадења и пијалоци, а во нејзин состав ќе се одржи и традиционалната Ѓомлезијада, која ќе биде со натпреварувачки карактер со награден фонд од 20.000 денари за трите најдобро подготвени ѓомлезиња.

Воедно учесниците ќе имаат можност да ги истакнат и своите готвачки вештини преку подготовка на традиционални охридски јадења на самото место, за чија што промоција се обезбедени промотивни штандови.

За таа цел се информираат сите заинтересирани учесници кои што сакаат да бидат дел од настанот, дека можат да се пријават во просториите на Секторот за Tуризам и ЛЕР или на тел: 046/ 230 -175 најдоцна до 16 август, петок. Бројот на учесници е ограничен.