Македонија 2:0 Бугарија

Македонската фудбалска репрезентација победи со 2:0 на пријателскиот натпревар против Бугарија, кој се одигра на Националната Арена „Филип Втори“ во Скопје.

Уште на самиот почеток на натпреварот, Македонија имаше одлична шанса да го открие резултатот. Во 3 минута по нафрлањето на Иван Тричкоски, Адис Јаховиќ биеше од прва, но голманот на Бугарија го одбрани ударот. И репрезентацијата на Бугарија имаше неколку шанси, но без посериозни закани, на полувреме сеуште беше актуелен почетниот резултат 0:0.

На почетокот од второто полувреме исто како и во првото, не беше прикажана којзнае каква игра од двете страни, следуваа измени, а нашата репрезентација блесна во последните 10 минути од натпреварот. Најпрво Стефан Ристовски беше соборен во шеснаесетникот на Бугарија во 82 минута, а стрелец на најстрогата казна беше Агим Ибраими во 83 минута. Три минути подоцна, во 86 минута, Даниел Мојсов одлично го пронајде Александар Трајковски, кој биеше прецизно и го постави конечниот резултат 2:0 за Македонија.

WebOhrid