Претседателот на Советот оствари средба со полициските службеници од Србија

Претседателот на Советот на Општина Охрид д-р Гордана Коњаноска, денес оствари средба со српските полицајци кои како резултат на договорот помеѓу министерствата за надворешни работи на Р. Србија и Р. Македонија, заедно со македонските полицајци се грижеа за безбедноста на туристите во Охрид. 

„Задоволството е големо, особено заради фактот што ова беше еден исклучително успешен проект, значи укажувањата на вработените во Министерството за внатрешни работи на Македонија одат во насока дека престојот на овие полициски службеници во Охрид во голема мера го зголемуваше чувството на безбедност, сигурност, особено на гостите  кои што доаѓаат од Србија, иако тие многу регуларно си ги извршуваа своите активности, задачи во текот на работното време и биле секаде и секогаш таму каде што е потребна интервенција од нивна страна“. – изјави Коњаноска. 

Двајцата полициски службеници од Р.Србија имаа работен престој во Охрид во траење од еден месец и се многу задволни од соработката со граѓаните на Охрид, туристите како и со колегите од СВР Охрид.

„Соработката со колегите беше на завидно ниво, многу професионално од нивна страна. Во однос на интервенциите немаше ништо што ја загрози нашата безбедност, граѓаните се задоволни, а исто и туристите, особено српските кои имаат каде да се обратат за помош и некако се чувствуваат посигурно“. – рече Драган Лучиќ, полициски службеник од Белград.

На средбата двете страни изразија задоволстово од заедничката соработка како и најавија дека во Охрид се чека да пристигне следната група полициски службеници од Република Србија кои што ќе престојуваат до 15 септември.

„Српските туристи се задоволни кога гледаат дека имаат каде да се обратат за помош. Со колегите на терен остваруваме контакт на лице место, се помина во најдобар ред. Имавме добра соработка со граѓаните, туристите и со колегите во Охрид“. – истакна Славиша Илиќ, полициски службеник од Ниш.

WebOhrid