Сарачини: Се зголемува бројот на компании кои користат евтини кредити од ЕИБ преку МБПР

Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска, заедно со директорот на Македонската банка за подршка на развојот (МБПР) Драган Мартиновски и претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Мендерес Кучи, ја посети пекарата и мелницата „Пекон“ во селото Челопек, општина Брвеница.

„Пекон“, сопственост на семејството Адеми, е корисник на два кредита преку МБПР, едниот во износ од 147.000 евра за набавка на опрема од Италија, и вториот од 100.000 евра за набавка на дополнителна опрема за производство на леб и бели пецива, кои доспеваат за две години. Компанијата планира да го зголеми производство на леб чиј досегашен  капацитет е 3.000 парчиња дневно и речиси двојно да го зголеми капацитетот на мелницата.

„Со овие кредити ги зголемивме нашите капацитети, производството на брашно е зголемено, од 30 тони на 70, а зголемен е и бројот на вработените“, вели сопственикот Јусуф Адеми.

Според министерот Сарачини, интересирањето на компаниите како „Пекон“ е добар сигнал за домашната економија, бидејќи се поголем број стопански субјекти се интересираат за вакви ефтини кредитни линии.

„Од Европската инвестициска банка обезбедивме околу 100 милиони евра за оваа година и досега се веќе реализирани 78 милиони за 1.171 ново работно место. Останатите 22 милиона евра ќе бидат реализирани до крајот на годината. Веќе сме во преговори со истата банка за следната година да обезбедиме иста кредитна линија“, рече Сарачини.

Тој апелира стопанствениците да ги користат поволностите што ги нуди државата, овојпат поволните кредити од МБПР. На почетокот од овој месец, рече, беа повлечени и шестата и седмата транша во износ од 100 милиони евра. Со шестата транша за малите и средните претпријатија вредна 6.241.000 евра ќе се поддржат 29 проекти.

Според него, еврозоната по шест квартали постојан пад на бруто домашниот производ забележа раст од околу два отсто што е позитивен сигнал за македонската економија која 60 проценти од извозот реализира во земјите на ЕУ.

„Тоа се совпаѓа со предвдувањата дека во втората половина на 2013 година ќе продолжи растот на економијата уште повеќе. Значителен раст има и во Германија по што се очекува да се реализираат и нарачките на компаниите од Европа што ги имаат со нивните партнери кај нас“, нагласи министерот.

Во МБПР, како што информира директорот, постојано пристигнуваат барања од македонските компании за користење на овие средства.

„Во овој момент се обработуваат кредитни барања во висина од околу 6 милиони евра кои очекуваме дека Европската инвестициска банка ќе ги одобри во текот на август, а компаниите ќе може да ги користат од септември годинава. Станува збор за две кредитни линии, првата подолгорочни инвестиции за набавка на опрема, уреди, машини, со рок на отплата до 8 години и грејс период од две години, и втората за обртни средства со краен рок од 3 години и грејс период од 6 месеци. Каматната стапка е многу поволна и изнесува 5,5 кредитни поени“, рече Мартиновски.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со статистичките показатели за бројот на туристите, министерот Сарачини рече дека до мај годинава е забележан пораст на странските туристи за 25 отсто и кај домашните за 11 проценти.

„Не се задоволуваме со овие податоци за порастот на туристите, бидејќи сметаме дека Македонија има голем потенцијал да стане атрактивна туристичка дестинација. На овој план треба да се преземат дополнителни мерки, инвестиции за подобри патишта и за оние што претстојуваат кај нас, како и за оние што транзитираат. Со субвенционирање во оваа сфера почнавме пред две години кога беа обезбедени 60 милиони денари или 1 милион евра и тоа веќе ги дава резултатите. Размислуваме за проширување на списокот на земји кои можат да аплицираат за овие субвенции“, нагласи Сарачини.

Владината стратегија за развој на туризмот, додаде, има два дела, првиот за задачите што треба да ги направи централната власт и вториот што треба да биде обврска на локалните власти.

„Сакаме подеднакво да ги развиваме летниот, зимскиот, еко, алтернативниот, винскиот и секој друг вид туризам што ќе има позитивно влијание на економијата“, изјави Сарачини по посетата на Челопек.