Покрај затворањето на „Охридско Лето“, „Браќа Карамазови“ репризно и на 21 август

Поради голем интерес за театарската претстава БРАЌА КАРАМАЗОВИ, со која на 20 август ќе се спушти завесата на годинешното 53-то издание на фестивалот „Охридско Лето“, истата надвор од фестивалската програмата, ќе се репризира на 21 август. 

За последното дело на големиот руски писател, Фјодор Михајлович Достоевски, претставата режирана од нашиот најдобар режисер Дејан Пројковски а во изведба на  дубровачкиот театар „Марин Држиќ“, на неколку дена пред прикажувањето картите се веќе распродатени. Токму затоа љубителите на театарот ќе можат да ја погледаат претставата ден по свеченото затворање.

Најграндиозно дело на Достоевски „Браќа Карамазови“, на површината е приказна за тројца, или поточно четворица браќа кои имаат одреден удел во убиството на нивниот татко. Но, на едно подлабоко ниво, тоа е духовна драма која ги отвора големите морални прашања за верата, сомнежот, вината и слободната волја.

Творештвото на Достоевски, всушност, претставува една филозофска драма.

Дејан Пројковски е роден на 6.8.1979 година во Битола. Дипломирал и магистрирал на Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија, Р. Бугарија. Претседател е на Светската театарска мрежа Интер АКТ во која членуваат театри и фестивали од над 20 земји. Има остварено значајни театарски режии од кои како позначајни се издвојуваат: „Опасни врски“, „Хамлет“, „Смртта на Дантон“, „Црнила“, „Бегалка“, „Кралот умира“, „Галеб“, „Тартиф“, „Ромео и Јулија“, „Јонадаб“, „Падот на невиноста“…

Како режисер е добитник на голем број награди и признанија на домашни и меѓународни фестивали. Неговите претстави гостувале во повеќе земји низ Европа, Италија, Германија, Франција, Англија, Русија, Бугарија, Србија, Турција, Хрватска и Словенија.