Во Струга ќе биде промовиран шестиот број на активистичкото списание „Лице в лице“

Професорот Владимир Мартиновски, наш истакнат поет, есеист и преведувач, на промоцијата на активистичкото улично списание „Лице в лице“, (која ќе се одржи овој петок, 23 август во 20 часот во струшката чаршија), специјално за овој настан одлучи да прочита дел од својата нова поезија, која сè уште не е објавена, а ќе биде дел од следната книга.

Мартиновски е еден од промоторите на шестиот број на „Лице в лице“, а заедно со писателката и преведувачка Лидија Димковска, поетесата и литературен критичар Мерсиха Исмајлоска и со првата Македонка – подводен археолог Валентина Тодороска, членка на здружението „Сороптимист“ ќе го претстави новиот број на магазинот што економски и социјално ги зајакнува маргинализираните граѓани кај нас.

Мартиновски во новиот број на „Лице в лице“ пишува есеј насловен „Соочувања со Рацин“, кој е еден вид одбележување на 70-годишнината од смртта на еден од нашите најзначајни поети и револуционери, основоположник на македонската современа литература.

„Од денешна перспектива, би морале да признаеме дека борбата за похумано и послободно општество за која се залагал поетот е далеку од завршена, а за долготрајноста на таа битка, конечно, предупредуваат и стиховите на Рацин: Како смртта вечна што е/ така борба долго трае…“, пишува Мартиновски во дел од есејот.

На промотивниот настан ќе се изведе и уличен перформанс – изненадување кој го подготвија креативците од Здружението за независен културен активизам ИНКА и групата „Wezdensky“. Преку нивниот перформанс, поезијата ќе се доближи до пошироката публика и ќе се испрати силна порака која делува освестувачки и поттикнувачки. 

Настанот е дел од придружната програма на 52. издание на Струшките вечери на поезијата.