Ристовски: Наставата во сите училишта почна без проблеми

Во сите училишта во Република Македонија денеска наставата почна без проблеми. Новата учебна 2013/2014 година почна за над 200 илјади основци и средношколци. Околу 20.800 првпат седнаа во училишните клупи.

Наставата не почна само во општина Могила, во основното училиште „Кочо Рацин“ во Долно Српци, кое беше опожарено зимава.  

Ова денеска го изјави министерот за образование и наука Спиро Ристовски, по пуштањето во употреба на новото основно училиште „Александар Македонски“ во Реонски центар Аеродром.

„Апелирам до граѓаните на општина Могила да не бидат злоупотребувани во политички цели. Ние како Влада не правиме политичка селекција на училиштата или општините во кои се вршат санациите и корекциите. Во општина Могила ќе се изврши корекција на објектот. По запалувањето на објектот ќе се извршат сите активности за да се стави во функција тоа училиште“, рече Ристовски.

Тој побара да постои и разбирање затоа што, како што рече, мора да се направи проектна анализа, подготовка и адаптација на просторот и да се пристапи кон негово санирање.

Одговарајќи на новинарско прашање, Ристовски рече дека за сите реформи кои се преземаат во образованието СОНК е и ќе биде консултиран.

„Како министер за образование и наука, за сите мои досегашни активности имав интензивни средби со Синдикатот за образование, наука и култура како релевантен партнер и како репрезентативен синдикат во делот на образованието и науката“, рече Ристовски.