Градоначалникот Бакрачески со честитка до граѓаните на Охрид по повод Денот на независноста на Македонија

„На граѓаните на општина Охрид им го честитам 8 ми септември-Денот на независност на Р.Македонија.

Пред точно 22 години, македонските граѓани ја превзедоа одговорноста сами да ја креираат иднината на македонската држава. Граѓаните со огромно мнозинство го потврдија сопствениот стремеж, самостојно да изградат современа, демократска, просперитетна и меѓународно почитувана македонска држава-сон на многу претходни генерации македонци. 

Сите овие години беа исполнети со многу предизвици и недоследности, искушенија и закани по стабилноста и иднината на Република Македонија, но наместо да не поколеба, тоа нас граѓаните не правеше посилни, поцврсти и порешителни  да изградиме стабилна и демократска држава и препознатлив и успешен Охрид. 

Денес, Република Македонија цврсто го гради својот пат кон економскиот напредок  со постојано зголемување на демократските капацитети, а општина Охрид има историска можност целосно да се посвети на градење просперитетна иднина, надминувајќи ги сите недоследности кои го оптеретуваат неговиот развој.

Нека и овој 8 септември биде потврда на цврстата верба на граѓаните на Охрид и Република Македонија, заеднички и со сите капацитети да ја направиме нашата држава и нашиот град, почитуван и респектабилен субјект на европските простори.

ЧЕСТИТ ПРАЗНИК!“