Околу 220 општински службеници проследија дополнителна обука за користење на софтверскиот систем за издавање на е-дозволи

Oколу 220 службеници од локалната власт, учествуваа на дополнителна обука, што ја организираше ЗЕЛС, за користење на софтверскиот систем за водење на електронска постапка за издавање на одобрение за градење. Обуката претставува дел од континуираната поддршка што ЗЕЛС им ја дава на своите членки на патот на обезбедување на епитетот „Е- општина“.

Обуката се одржа на 12, 13, 16 и 17 септември, 2013 година, во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот, на која беа повикани претставниците од сите општини кои работат на постапките за издавање на одобрение за градење, односно службениците кои во информатичкиот систем е- одобрение за градење, поставен на интернет страницата www.gradezna-dozvola.mk, се евидентирани како: службеник, контролор, раководител, пресметувач на надомест за уредување на градежно земјиште и проверувач на надомест за уредување на градежно земјиште. Целта на оваа дополнителна обука беше разјаснување на сите правни и технички дилеми со кои се соочуваат претставниците од општините, водејќи ја постапката за одобрение за градба, која во согласност со Законот за градење, од 1 јуни, 2013 година исклучиво се спроведува по електронски пат.

Обуката ја реализираа претставници од правната и од ИТ службата на ЗЕЛС, кои од стапувањето во сила на оваа законска одредба, секојдневно, преку телефон, преку електронска пошта, како и во просториите на ЗЕЛС, се во перманентна комуникација со општинските служби и им даваат стручна помош во спроведувањето на оваа законска обврска.

Присутните на обуката следеа еден конкретен пример на електронско спроведување на целокупна постапка, при што имаа можност да поставуваат прашања, кои се однесуваат на технички карактер, поврзани со софтверската апликација, но и прашања од правна природа кои се однесуваат на оваа постапката. Исто така, претставниците од општините беа информирани и за дополнувањата во софтверската апликација.