Денес почнува турнирот „Охрид Трофеј 2013“

Спортската сала „Билјанини Извори“ во наредните два дена ќе пречека четири екипи кои ќе одиграат по два натпревари во рамки на првото издание на турнирот кој има за цел да прерасне во традиционален – „Охрид Трофеј 2013“. Актуелниот македонски шампион, МЗТ Скопје Аеродром, ќе игра во конкуренција на Лукоил Академик од Бугарија и српските екипи Металац и Раднички Крагујевац.

Натпреварите се предвидени да се играат од термините од 18:00 часот и 20:30 часот, денеска и утре. Денеска на програмата се полуфиналните натпревари, додека утре ќе се играат мечот за третото место и финалето. Четирите екипи уште од вчера се во Охрид, а утринава ќе одработат и по еден тренинг во салата каде ќе се играат натпреварите. Организаторот на турнирот, ЈП „Билјанини Извори“, се погрижи покрај спортската програма, да организира и други социјални активности за претставниците од сите клубови, за исполнување на слободното време низ промоција на градот и земјата.

Во првиот натпревар кој ќе го отвори турнирот, а кој ќе почне од 18:00 часот, ќе се сретнат Раднички Крагујевац и Лукоил Академик. Раднички Крагујевац веќе четири години настапува во силната АБА лига, а минатата година се пласираше и на Фајнл Фор турнирот, каде во полуфиналето загуби од Црвена Ѕвезда. Лукоил Академик е 11 сезони по ред шампион на Бугарија и оваа година повторно ќе биде дел од Еврокупот, заедно со МЗТ Скопје Аеродром.

Во второто полуфинале од 20:30 часот, македонскиот шампион ќе се сретне со Металац од Ваљево и практично овие натпревари ќе бидат меѓу последните подготвителни пред почетокот на новата меѓународна сезона. Со неколку промени во играчкиот кадар во однос на минатата година, но и со задржан костурот на тимот, новиот тренер Влада Вукоичиќ ќе се надева на добра игра на неговите избраници и со поддршка од домашната публика верува во освојување на охридскиот трофеј. Ѓорѓи Чековски поради повредата заработена за време на настапот за репрезентацијата на Евробаскетот, нема да може да настапи за МЗТ, а надвор од теренот и натаму е Кирил Николовски, исто така поради повреда, заработена уште при крајот на минатата сезона. Сепак, тука ќе бидат сите останати, вклучително и новите засилувања Костоски, Рејнолдс, Лучиќ, Синовец и талентираниот млад македонски репрезентативец, Љубомир Младеновски. Вчера, како припрема за турнирот, МЗТ и Лукоил се договорија да одиграат пријателски натпревар од затворен карактер во кој скопскиот тим, предводен од 24-те поени на Тодор Гечевски, победи со убедливи 87-69.

Статистика во живо од сите натпревари на „Трофеј Охрид 2013“ ќе може да се проследи на http://basketball.org.mk. Сите натпревари кои ќе ги игра МЗТ Скопје Аеродром, ќе бидат емитувани во живо на Македонската телевизија (МТВ). Сите останати натпревари ќе можат да се проследат во живо (LIVE STREAM) на http://basketball.org.mk.