Мешовитиот парламентарен комитет – уште еден мост за продолжување на соработката помеѓу Македонија и Турција

Македонија и Турција се повеќе од пријателски земји, кои треба да ги разменуваат искуства, да учат една од друга, заеднички да работат со цел да се приклучат кон големото европско семејство – беа согласни присутните на средбата меѓу Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европската унија и Делегација од Парламентот на Република Турција.

Беше истакнато дека Мешовитиот парламентарен комитет е само уште еден мост за продолжување на успешната соработка меѓу Македонија и Турција, која дополнително треба да се интензивира, особено во областа на економијата, трговската размена и образованието, како и да се зајакне парламентарна соработка.

Копретседавачот на МПК-РМ и ЕУ, г. Кенан Хасипи, се заблагодари за безрезервната поддршка која Република Турција, како значаен светски фактор, ѝ ја дава на Република Македонија, притоа запознавајќи ги гостите со работата на Комитетот, со случувањата и реформите во Парламентот и државата воопшто. 

Потсетувајќи дека двете земји се насочени кон членство во ЕУ, г. Хасипи истакна дека Балканот треба и природно е дел од Унијата и затоа потребно е да се поддржи во процесот на интеграција, зашто само на тој начин ќе се осигури безбедност во регионот и ќе се воспостават мерки за развој на економијата, а придобивките ќе бидат двострани. 

Турската делегација, предводена од г. Мехмет Текелиоглу, претседател на Комисијата за ЕУ хармонизација и член на МПК-ЕУ и Турција, изразувајќи го задоволството од средбата и гостопримството, ни посака нов позитивен извештај од Европската комисија за напредокот на нашата земја, кој се очекува на 16 октомври годинава, а истовремено упати покана за посета на Анкара, со цел продлабочување на соработката.