Договорена соработка со реномирани медицински центри во Чикаго

Владина делегација преводена од претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски во присуство на министерот за здравство Никола Тодоров, вчера (среда, 25.09.2013 година) оствари посета на три реномирани медицински центри во Чикаго, Соединетите Американски Држави, Универзитетскиот медицински центар РУСХ, Медицинскиот центар на Универзитетот Илиноис и Северо-западниот медицински центар во Чикаго.

Во рамки на посетата, владината делегација оствари средба со менаџерските тимови на медицинските центри, при што беа потпишани меморандуми за соработка со Универзитетскиот медицински центар РУСХ и Медицинскиот центар на Универзитетот Илиноис, а со Северо-западниот медицински центар во Чикаго се оствари почетна соработка во која беше договорено тимови од двете страни да работат на создавање на основа за конкретизација на соработката.

Потпишаниот Mеморандум со Универзитетскиот медицински центар РУСХ, кој е медицински центар кој во неколку медицински сфери е меѓу водечките пет медицински центри во САД, предвидува соработка во областа на едукацијата на македонски лекари во центарот во Чикаго при што македонските лекари ќе престојуваат одреден период во РУСХ Центарот и ќе бидат едуцирани за нови методи и специјалности во лекувањето на пациентите. Беше договорено првата група на македонски лекари кои ќе бидат испратени на тренинг во овој центар да биде од областите на ортопедијата, неврохирургијата, педијатријата, радиологијата и третманот на канцерни заболувања и инфектологијата.

Меморандумот со Медицинскиот центар на Универзитетот Илиноис покрај едукацијата на македонски лекари во овој центар, предвидува и специјализирани посети на реномирани американски лекари на нашата земја и изведување на едукација на нашите доктори во македонските здравствени установи. Се предвидува можност и за соработка на ниво на универзитети помеѓу Универзитетот Илиноис и македонските универзитети во насока на едукација и профилација на медицински кадар.

Министерот Тодоров ја истакна значајноста на двостраниот процес на размена на искуства и едукација и во САД и во Република Македонија, и посочи дека овие соработки ќе придонесат значително за нашите лекари.

Она што ќе биде овозможено со овие меморандуми е наши доктори да доаѓаат на едукација во овие болници, но она што е, исто така, значајно е дека со ова ќе се овозможи и американски доктори да доаѓаат во Република Македонија и кај нас да вршат едукација на медицинските лица. На овој начин инвестираме во човечкиот капитал кој е многу значаен за здравствената заштита, истакна Никола Тодоров.

Директорите на медицинските центри од Чикаго го истакнаа задоволството од воспоставената соработка и изразија позитивни оценки за резултатите од неа.

Предизвиците во медицината се глобални, и одговорите на предизвиците се исто така глобални. На оваа соработка гледаме како на дел од одговорите, и како на добар договор, истакна Лери Гудман, директор на Универзитетскиот  медицински центар РУСХ.

Универзитетот од Илиноис е почестен од тоа што ќе соработува со Македонија. Двете страни сме во оваа соработка во интерес на здравјето на нашите граѓани и во интерес на едукацијата на докторите, истакна Џери Бауман, потпретседател на Медицинскиот центар на Универзитетот Илиноис и декан на Универзитетот за фармација.

Премиерот Груевски истакна дека оваа соработка ќе придонесе за македонските граѓани кои имаат потреба од медицински третмани и кои бараат специфика во постапувањето.

Се работи за три многу силни и квалитетни болници, многу напредни болници во повеќе специјалности каде што лекарите познаваат и работат многу методи кои што кај нас се уште не се етаблирани или не се познати на нашите лекари и не се применуваат во Македонија, па така најчесто за такви методи пациентите од Македонија се испраќаат во странство и за тоа се плаќаат големи трошоци. Со воспоставувањето на оваа соработка и со тренингот кој што ќе биде завршен за нашите лекари практично во иднина ќе се анулираат трошоците за нашите граѓани кои имаат потреба да одат во странство, и на побрз и поефикасен начин потребите ќе се завршуваат во Македонија, истакна премиерот Груевски.

Владината делегација во текот на денешниот ден ќе ги посети медицински центри од Бостон.