Алпинист пронашол богатство на Монт Блан

Еден француски алпинист за време на искачувањето на Монт Блан на еден глечер пронашол кутија со скапоцени камења, вредни стотина илјади евра, заз кои се верува дека му припаѓале на патник од еден индиски авион кој се срушил пред повеќе од 50 години.

Скапоцените камења, смарагди, сафири и рубини, чија вредност е проценета помеѓу 130 и 246 илјади евра, предадени се на полицијата од француското градче Бур Сен Морис.

Младиот алпинист, кој сакал да остане анонимен, кутијата ја пронашол додека поминувал преку глечерот Бесон. На мразот ја здогледал кутијата во која скапоцените камења биле спакувани во мали вреќички, а некои од вреќичките имале натпис „Made in India“.

Претставниците на локалната полиција изјавиле дека доколку не се пронајде нивниот сопственик, според законот, скапоцените камења ќе му припаднат на алпинистот.

Два индиски авиони се срушиле на Монт Блан помеѓу 1950 и 1966 година. Од тогаш, алпинистите често наоѓале делови од авиони, куфери, па дури и човечки остатоци.