Пуштени во употреба новите простории на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска ги пушти во употреба  новите простории на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ во Охрид. Средствата за инвестицијата вредна 50 милиони денари се издвоени од буџетот на Министерството за образование и наука, рече Ристовски. Тој додаде дека станува збор за проект за проширување на капацитетите на Универзитетот, со опција за адаптирање и целосна пренамена на дел од старата касарна во Охрид, процес што би се одвивал во неколку фази.

„Во оваа фаза е заокружен процесот на целосна изградба и адаптација на овие простории, што ќе овозможи спроведување на целокупните наставни и научни активности според современите светски стандарди, а истовремено ќе придонесе за развојот на едукативниот процес во земјата, како и за перцепцијата на Охрид како еден од едукативните центри во Македонија“, рече Ристовски.

На Универзитетот „Свети Апостол Павле“ годишно се запишуваат околу 200 студенти од кои голем дел се странски студенти од сите континенти, со стипендии обезбедени  од Владата на Република Македонија. Министерот Ристовски истакна дека инвестициите во сите степени на образовниот процес во Охрид, ќе продолжат и во иднина.