Честитка од премиерот Груевски по повод Меѓународниот ден на Бошњаците

По повод Меѓународниот ден на Бошњаците, премиерот Никола Груевски упати честитка до припадниците на Бошњачката етничка заедница во Македонија.

„Во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, Ви упатувам најсрдечни честитки по повод Меѓународниот ден на Бошњаците и Ви посакувам денешниот ден да го поминете во добро празнично расположение исполнето со многу здравје, радост, среќа и бериќет.

Со празнување на денот кога претставниците на Бошњачкиот народ на вториот бошњачки сабор во Сараево го вратија своето национално име Бошњак, се празнува Вашиот симбол на себеидентификација, сегмент за препознавање и гордост. Овој ден не само што претставува добра можност да ги одбележиме културните специфики и вредности на бошњачката заедница во Република Македонија, туку ја потврдува и нашата определба за нивно негување, стимулирање и надградба.

Дозволете ми во оваа прилика да ги изразам определбите на Владата на Република Македонија за континуирано спроведување на активни и сеопфатни мерки за подобрување на севкупната положба и квалитет на живеење на сите граѓани и етнички заедници во нашата држава, вклучително и на бошњачката етничка заедница која е од битно значење за нашата земја и чии припадници придонесуваат за развојот и напредок во општествените сфери.

Честитајќи Ви го 28 септември, Ве повикувам, исто како во изминатиот период, заеднички да се вложиме и уште повеќе да придонесеме за нови успеси и радости за нашите граѓани. Да продолжиме со нашите заеднички заложби за унапредување на економскиот раст и стандардот на граѓаните, со реформите и модернизацијата, со создавањето на дела и вредности од траен карактер, и со стратешките определби за интеграција во европското и евроатланско семејство, се со цел изградба на модерна Република Македонија.

Нека нашето почитување и взаемно разбирање не водат по патот на севкупниот развој и напредок на нашата држава, за што и понатаму заеднички ќе работиме и активно ќе придонесуваме.

Уште еднаш, нека Ви е честит и вековит големиот празник!“