Џафери-Чеку: Продлабочување на соработката во сите полиња

Република Македонија и Министерството за одбрана продолжуваат да и даваат поддршка на Република Косово и безбедносните сили, во однос на изградбата на потребните капацитети и формација согласно планот на Марти Ахтисари.

Ова го изјави министерот за одбрана Талат Џафери по денешната средба со неговиот косовски колега Агим Чеку, кој ја предводи делегацијата на Министерството на косовските безбедносни сили, која престојува во официјална посета на Македонија.

Џафери и Чеку потпишаа протокол за воена соработка. Со него се продлабочува соработката во повеќе области, како што се одбраната, образованието, размената на искуства, заеднички вежбовни активности, средби на експерти од разни сфери, спортски натпревари, искористување на капацитетите на АП „Кривлак“ и Воената академија, каде се образуваат и питомци од Косово, заедно со питомците од Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска.

Министерот Џафери појасни дека со владина одлука е определена квота за запишување питомци на Воената академија односно 26 питомци, плус осум места за питомци од странски армии.

„Даваме поддршка во сите регионални иницијативи во кои учествува Република Македонија, преку МО, да учествува и Република Косово, раководејќи се од принципот дека регионот ќе биде цел доколку во иницијативите учествуваат сите субјекти кои го сочинуваат“, рече Џафери. Тој ја најави и средбата на министрите за одбрана од Јадранската група, што од утре до 3-ти октомври ќе се одржува во Брдо кај Крањ, Словенија. 

Според министерот Чеку, Македонија и Косово придонесуваат за регионалниот мир и се пример за добрососедска соработка и пријателство, особено меѓу министерствата за одбрана, каде што односите се многу динамични и продуктивни.

На новинарско прашање каква е безбедносната состојба во Косово и во регионот, министерот Чеку тврди дека е стабилна и покрај повремените инциденти.

„Косово и Србија се во нова фаза на односи, а целта на договорот е нормализација на односите и интегрирање на северниот дел на Косово и на српската заедница согласно косовскиот устав и законите. Северниот дел на Косово отсекогаш бил потенцијална закана за косовскиот мир и безбедност, особено по војната, но сепак сме тргнати во добср правец тоа да се реши“, одговори Чеку, додавајќи оти трите страни Косово, Србија и ЕУ се посветени да се постигне успех.

За црногорскиот предлог за формирање т.н. западнобалканска шесторка, министерот Џафери одговарајќи на новинарско прашање потенцира дека тоа не е во надлежност на МО и нема никакви информации за тоа.

„Косово има интерес да има добра соработка со сите земји од регионот. Сите земји од регионот имаат заедничка перспектива, а тоа е интеграција во ЕУ и во НАТО и таквата интеграција ќе биде остварена само преку соработка“, рече меѓу другото Чеку.