Изречена глоба на нелегален туристички водич

Со цел воведување ред во туристичката дејност и подобрување на туристичките услуги во Охрид, од страна на општинскиот инспекторат во соработка со секторот за Туризам и ЛЕР, вчера, беше спроведена координирана акција за спречување на диви водичи.

Акцијата се спроведе на повеќе локации од градот: Плаошник, Св Софија, Плоштад, музеј на вода- Заливот на Коските и Св. Наум. 

 На локалитетите евдентирани беа 12 водичи, со групи од повеќе земји, кои вршеа организиран разглед на културно-историските знаменитости во Охрид.

 На локалитетот Св Наум беше затекнат нелегален туристички водич без лиценца, лице од Полска, кое спротивно на Законот за туристичка дејност на група полски туристи им организирал обиколка и разглед на културно-историските знаменитости од Охрид и извршил презентација на овие локалитети, иако за тоа не бил овластен и не поседувал легитимација за вршење на дејност.

 Инспекторите за туризам, согласно Законот за туристичка дејност  му изрекоа мерка глоба во висина од 400 евра во денарска против вредност.

 Согласно Законот за туристичка дејност, овластен туристички водич мора да поседува лиценца и легитимација за вршење на дејност на територијата на општина Охрид, издадена од соодветна институција. Секое непридржување кон законските норми подлежи на санкции.