Ставрески: Ќе продолжиме со зголемување на пензии, плати, субвенции и капитални инвестиции

Владата ќе продолжи со политиките на зголемување на пензии, плати, социјална помош, субвенции за земјоделците и капитални инвестиции, бидејќи се покажа дека тие политики се добри.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на новинарски прашања во врска со критиките од опозицијата за предлог-буџетот за наредната година по средбата во Сојузот на здруженија на пензионери на Република Македонија.

„Во изминативе години навикнавме само на критизерство од опозицијата. Никогаш не слушнавме некој позитивен или конструктивен предлог како тие би ги решиле актуелните прашања. Залудно им е што се противат на зголемувањето на пензиите и на другите мерки за заштита на стандардот на социјалните категории, зголемување на субвенциите и капиталните инвестиции“, истакна вицепремиерот.

Тој додаде дека Владата ќе продолжи со таквите политики, бидејќи се покажа дека тие политики се добри и за категориите на граѓани кои ги добиваат тие зголемени средства, и за економијата која, како што рече, е меѓу подобрите во Европа во вакви тешки времиња.

„Нашата позиција ќе биде да има средства и за едното и за другото. Се што можеме ќе направиме да има зголемување на пензии, плати, социјална помош и субвенции за земјоделци и многу повеќе средства за капитални инвестиции“, потенцира министерот за финансии Зоран Ставрески.