Во училиштата ќе бидат вработени 294 психолози и педагози

Во наредните две и пол години во основните и средните училишта во Република Македонија ќе се вработат нови 294 психолози и педагози.

Според одлуката на Владата, во првата фаза до крајот на 2013 ќе се вработат 70 психолози и педагози, до крајот на 2014 година 150 и до крајот на 2015 година уште 119.

„Крајната цел на ангажирањето на овој дополнителен кадровски потенцијал е да се обезбеди континуитет во целосната и непречена имплементација на Законот за основното образование и неговите измени, Законот за средно образование, советувањето на учениците и родителите, како и реализацијата на сите проекти согласно заклучоците и Програмата за работа на Владата на Република Македонија, а ефектот директно ќе го почувствуваат учениците, но и нивните родители. Ова е уште еден круцијален чекор со кој се потврдува сериозноста на заложбите за реформирање и обезбедување поквалитетен и поконкурентен македонски образовен систем“, истакна на денешната прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Потребните средства за реализација на вработувањата изнeсуваат 104 милиони денари и ќе бидат предвидени во буџетот на МОН во следниве три години.

„Изборот на кандидадтите ќе биде транспарентен, односно ќе се врши по пат на јавни конкурси за вработување, коишто исто така етапно ќе бидат објавувани, а во нив ќе бидат назначени сите подетални информации за условите и критериумите за аплицирање и обезбедување на соодветниот работен ангажман“, рече Ристовски.

Потребата од дополнителни вработувања на психолози и педагози, како стручен кадар којшто треба да придонесе за зајакнување на воспитната компонента во училиштата, односно за унапредување на квалитетот на воспитнообразовниот процес во образованието произлегла од анализата на стручниот и кадровски потенцијал со кои располагаат средните и основните училишта која МОН ја направило во изминатиот период.