Во функција технички коригираниот Е-дневник

Електронскиот дневник во училиштата е технички коригиран и од денеска ќе функционира без проблеми во сите училишта. Министерот Спиро Ристовски очекува и уверува дека наставниците повеќе ќе немаат проблем со блокада на системот што ги оневозможуваше да ги внесуваат оценките.

„Согласно нашите заложби и известувањето до училиштата, наставниците и до јавноста,  извршени се корекции во софтверската поддршка на Е-дневникот и неговата апликација, кои ни беа сугерирани од Синдикатот за образование, наука и култура. Од денеска Е-дневникот е префрлен на поголеми и посилни сервери кои ќе овозможат негова полесна практична примена“, рече Ристовски.

За подобрување на функционалноста на Е-дневникот е интервенирано и во некои заднински операции на самата електронска апликација.

„Но, повторно апелирам до наставниците во континуитет да ги внесуваат оценките, а не да го чекаат последниот ден и последниот час од работната недела, зашто природно е за која било електронска апликација ако во ист период за пристап има многу голем број корисници да има отежнато внесување на оцените. Е-дневникот од денеска е стартуван, им посакувам и на наставниците и на учениците уште поголем успех оваа учебна година“, додаде Ристовски.

Техничката корекција на Е-дневникот беше обврска со донесенувањето на дополнетиот Закон за просветна инспекција, а покрај тоа новина во Е-дневникот годинава е што наставниците се обврзани да ги впишуваат оценките и изостаноците на учениците  седмично, а не дневно како во минатите учебни години.

Во врска со екстерното тестирање, кое на крајот на 2012/2013 беше првпат спроведено во Македонија и опфати околу 200.000 ученици, министерот рече дека согледаните пропусти се санираат и оти и за тоа МОН е во разговори и ги слуша сугестиите на СОНК.

Согласно со законот,  ќе биде објавена ранг-листа на наставници според резултатите од тестирањето. Предвидено е намалување на платите за наставници кај кои ќе има голема разлика меѓу  оценката со која го вреднувале знаењето на ученикот и оценката  што ученикот по истиот предмит ја добил на екстерното тестирање.   Исто така, законот предвидува и награда за наставниците кај кои ќе нема отстапувања. 

„Тоа ќе биде многу скоро. Во наредниот период ќе бидат објавени листите поради почетокот на новата фискална година, од 1 јануари 2014. Верувам дека никој нема да се осети повреден или изигран од системот. Напротив, системот за екстерно треба да биде мотивација за наставниците да бидат поквалитетни во креирањето и презентацијата на наставата и во оценувањето на учениците. Мислам дека така ќе се зголеми квалитетот на  образовниот систем воопшто“, рече министерот Ристовски.