Ставрески и Спасов остварија средба со претставници на Сојузот на здруженијата на пензионерите

Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов остварија работна средба со Претседателот и претставници на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.

На средбата, министрите уште еднаш ги информираа пензионерите за зголемувањето на пензиите за 5 отсто од март 2014 година.

„Пензионерите треба да бидат сигурни во политиките на Владата, а доказ за тоа е што просечната пензија во наредната година, со најавеното покачување од 5 проценти ќе  достигне над 11.000 денари и ќе биде за 50 проценти повисока од онаа од 2006 година“, порача вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов потенцираше дека зголемувањето на пензиите не е единствената мерка со која Владата го помага стандардот на пензионерите.

„Покрај зголемување  на пензиите за пет проценти од март наредната година, исто така во буџетот на Министерството за труд и социјална политика обезбедени се дополнителни 35 милиони денари за бањско-климатска рекреација на околу 5.500 пензионери кои оваа услуга ќе ја користат бесплатно. Проектот наидува на одобен интерес кај пензионерите.Заинтересираноста оваа година беше огромна.Околу 24.000 пензионери аплицираа на јавниот повик и очекуваме и наредните години да продолжи големиот интерес на пензионерите повторно со овој проект да им излеземе во пресрет“, истакна Спасов и додаде дека ќе се продолжи и со другите мерки како што беше неодамна најавената изградба на старечки домови.