Свечено одбележан јубилејот 70 години од издавањето на Манифестот на ГШ на НОВ

Со полагање свежо цвеќе на спомениците на паднатите борци, посета на Спомен домот на Генералштабот од НОВ и ПОМ и богата културно-уметничка програма, денеска во селото Црвена Вода, општина Дебарца и општинската организација на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна, го одбележаа  јубилејот 70 години од издавањето на Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ и настаните од Револуцијата во 1943.

На спомениците на жртвите од фашистичкиот терор и спомениците на паднатите борци од НОБ свежо цвеќе положи делегација на Општина Охрид и Општина Дебарца.

CrvenaVoda01

 На одбележувањето пред присутните пригоден говор одржа градоначалникот на општина Дебарца, Игор Трајкоски кој се осврна на значењето на настанот и придонесот на сите членови од Генерал штабот во народноослободителната борба.

„Денес имам особена чест и задоволство да ве поздравам по повод светлиот јубилеј – 70 години од донесувањето на Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Токму територијата на Дебрца односно селото Црвена Вода  е избрано да биде седиште на главниот штаб на НОВ и ПОМ. Сокриено високо горе на Караорман, ова мало Орловско гнездо на слободната територија на Дебарца е место кое ги собра најголемите борци.

Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ претставува првиот официјален документ, проглас до македонскиот народ во кој го повикува народот на решителна вооружена борба против окупаторот а воедно ги истакнува и целите на национално – ослбодителната борба на македонскиот народ. Потписници на овој официјален важен документ од македонската национална историја се политичкиот комесар Цветко Узуновски, командатот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ Михајло Апостолски и членовите на штабот : Методија Андонов Ченто, Страхил Гигов, Унди Дела, Венко Марковски, Петре Пирузе Мајски, Никола Минчев, Елисије Поповски и Кузман Јосифовски Питу.

Со презентираните цели на НОБ на македонскиот народ започна првиот чекор кон конечно ослободување на Македонија. Затоа и денес 70 години потоа со гордост се сеќаваме на овој светол настан.Дебрца мора да ја негува својата историја, бидејќи преку историјата на Оптина Дебрца се преставува  и нејзината борбеност и истрајност. Тие епитети денес светло ги чуваме и негуваме.

Дозволете ми и да укажам дека денес 3ти октомври е и ден на  Општина Дебрца, ден кој преставува своевиден празник за сите жители на Дебрца. И токму на овој ден,преку овој настан можеме да укажеме дека историјата (минатото) и сегашнашноста говорат за нашата грижа кон иднината што ја имаме за нашата Општина. Дека сите сме дел од неа и дека секогаш ќе го даваме својот придонес за просперитетот на Дебрца во сите области. Пред нас стојат голем број на предизвици за што подобра Оптина, но само со упорност и макотрпна работа ќе успееме на секој 3ти Октомври во годината да набројуваме што повеќе реазлизирани проекти а со тоа и подобри услови во секојдневното живеење во Општина Дебрца“, истакна градоначалникот на Општина Дебарца, Игор Трајкоски.

CrvenaVoda03

Пригодна реч одржа и Гоце Георгиески, претседател на општинската организација на Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија и на граѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебарца.