МЗТ Скопје 79-60 Унион Олимпија

Тешко можеше актуелниот македонски шампион да посака подобар почеток на новата натпреварувачка година. Со извонредна тимска игра во текот на сите 40 минути во СЦ „Борис Трајковски“, МЗТ Скопје доминираше во секој сегмент од играта против Унион Олимпија, заслужувајќи ја високата победа од 79-60.

Само во првата половина од првата четвртина се играше изедначена кошарка, во периодот додека главно се испитуваа силите на теренот со внимателна игра на двете страни. Сепак, следуваше период од цели пет минути во кои МЗТ со одлична одбрана не дозволи да прими ниту еден кош и со серија од 10-0, стигна до прва опиплива предност од 16-9. Никола Оташевиќ рано влезе во проблеми со лични грешки, но Александар Костоски и Кејд Дејвис имаа свои минути влегувајќи од клупата за резервни играчи. Тодор Гечевски беше првото решение во нападот во првото полувреме, а додека тренерот на Олимпија, Алеш Пипан, тешко наоѓаше начин да реализира и два напади во низа, МЗТ стигна до двоцифрена предност која ја задржа до полувремето (39-28). 

Продолжија во ист стил избраниците на Влада Вукоичиќ и во второто полувреме, во кое постојано ја зголемуваа предноста. Тренерот на МЗТ можеше да си дозволи и често да ротира и додека буквално сите кошаркари беа расположени за игра, во еден момент МЗТ водеше и со повеќе од 20 поени разлика (57-36). Дамјан Стојановски имаше највпечатлива улога во второто полувреме, заедно со Рејнолдс и Синовец во нападот и Лучиќ во одбраната. Високата предност донесе рутинска завршница, која МЗТ ја претвори во прва победа на отворањето на сезоната, убедлива и заслужена.

Во конечниот триумф од 79-60, Дамјан Стојановски и Тодор Гечевски постигнаа по 16 поени како најпрецизни, додека со двоцифрен број на поени завршија и Синовец и Дејвис. Кај Олимпија, Гаулиус и Стивенсон реализираа по 11 поени. Статистиката ја издвојува разликата во бројот на загубени топки како највпечатлива (МЗТ-12, Олимпија-24), но тоа претставува само мал дел од целосната слика дека МЗТ доминираше буквално во секој сегмент од играта.

„Уште од самиот почеток јасно покажавме енергија и храброст на теренот и тоа ни даде дополнителна самодоверба. Сакам да ги пофалам играчите за темпото со кое го одиграа цел натпревар, а откако во второто полувреме поведовме и со 18-19 поени разлика, успеавме на некој начин да го натераме противникот да се предаде. Ова е многу важна победа за нас за почеток на сезоната, но уште од утре мораме да почнеме да се подготвуваме за следниот натпревар“, изјави тренерот на МЗТ, Влада Вукоичиќ на прес-конференцијата по мечот.

„Одигравме многу слабо, веројатно и тоа што пред само два дена игравме Суперкуп во Словенија го стори своето. Направивме многу невообичаени грешки и не успеавме да ја пронајдеме нашата препознатлива игра. МЗТ е тим кој знае да го искористи тоа и заслужено победи, за што му честитам“, дополни Алеш Пипан, тренерот на Унион Олимпија.

Денес и во недела се играат преостанатите натпревари од првото коло во АБА лигата. Што се однесува до второто коло, МЗТ Скопје во вторник (8 октомври) ќе гостува на Шолнок во Унгарија. Во меѓувреме, актуелниот македонски шампион ќе ги дознае противниците во групната фаза од Еврокупот.