Тајван очекува „кинеска инвазија“ до 2020 година

Кина ќе биде во состојба да го преземе Тајван до крајот на 2020 година, дури и ако Тајван има помош „од страна“, се наведува во тајванскиот воен извештај. Западните воени аналитичари тврдат дека од Кина кон островот се насочени најмалку 1600 балистички ракети.

Според податоците од Националниот извештај за одбрана за 2013 година, годишно, потрошувачката на Кина за војската е во просек поголема со двоцифрена годишна стапка во последните дваесетина години.

Освен воената моќ, како што се наведува во извештајот, значително е зголемено истражувањето и производството на ново оружје, кое претставува сериозна опасност за Тајван.

На листата на новото оружје се наоѓаат стандардни подморници, но и подморници на нуклеарен погон, стратешки бомбардери, „невидливи“ воени летала, балистички и противвоздушни ракети.

Главниот сојузник на Тајван се САД, кои уште во 1996 година испратија два носачи на авиони во водите помеѓу Кина и Тајван.

И покрај најновиот извештај, Тајван го намалува воениот буџет, а бројот на војници од 240 илјади, следната година би требало да биде намален на 215 илјади војници.