Советниците од опозицијата ја напуштија денешната седница на Советот на Општина Охрид

На денешната 12-та седница на Советот на Општина Охрид, опозицијата одлучи да ја бојкотира оваа седница, како знак на солидарност со претседателот на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ.

„Во знак на солидарност со претседателот на Советот на Општина Центар Мирослав Шиповиќ и колегите советници од Општина Центар, денес опозицијата нема да присуствува на оваа седница на Совет. Ова се однесува како на сите присутни советници од коалицијата Сојуз на иднината, така и на оние кои го оправдаа своето отстуство од денешната седница. СДСМ заедно со своите коалициони партнери од Сојузот на иднината нема да дозволи Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ со институционално насилство да ја преземат контролата врз Општина Центар. Единствениот грев на претседателот на ОО на СДСМ Центар и вооедно претседател на Советот на Општина Центар е што не попушти по заканите и притисоците на власта. Бараме судот да ја укине мерката притвор за Мирослав Шиповиќ и да му дозволи да се брани од слобода. Судот да не ја користи мерката притвор како за него така и неговото семејство. Ја повикуваме власта да престане со притисок врз судот однапред да му пресуди на Шиповиќ, а со тоа и на волјата на граѓаните на општина Центар. Очекуваме дека ќе проработи разумот кај најодговорните луѓе од власта и дека ќе се обезбеди непречено функционирање на Општина Центар“. – истакна Томислав Тунтев, координатор на советничката група на опозицијата.

Секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески, ги повлече од дневен ред точките 22 и 23, кои ќе бидат усвојувани во присуство на опозицијата на некоја од наредните седници.

„Со оглед на тоа што на денешната седница имаме ново настаната состојба, имено како што го соопшти својот став кординатот на советничаката група на опозијата, опозицијата ја напушти денешната седница. Од принципиелни причини и со оглед на тоа што дека на дневен ред беа поставени две точки за донесување на урбанистички план, тоа е точка 22 и точка 23, од принципиелни причини, овие точки ги повлекувам затоа што ние како Локална самоуправа главен принцип на работа ни е отчетноста и транспаретноста и не би сакале да се воведеме во ситуација да носиме вака битни и значајни одлуки  без присуство на опозицијата, затоа што носењето на одлуки од областа на урбанизмот без присуство на опозијата е карактеристика на едно друго време и со повлекувањето верувам дека на една од наредните седници кога ќе се сите тука присутни ќе ги разгледаме и овие точки“. – истакна секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески.

WebOhrid