Во Мексико откриен „нарко-тунел“ со железница, светла, вентилација

Тунелот изграден за шверц на дрога од Тихуана во Мексико до калифорнискиот град Сан Диего опремен е со светла, вентилација и систем за железнички транспорт, што го прави еден од најсофистицираните откриени тајни премини долж американско-мексиканската граница.

Во операцијата за откривање на најновиот „нарко-тунел“, според судскиот записник, запленети се осум и пол тони марихуана и скоро 150 килограми кокаин. Три лица се осомничени дека биле возачи, а биле фатени со марихуана и кокаин со намера да го дистрибуираат. Доколку се докаже нивната вина, можат да добијат казна затвор од најмалку 10 години, а можат да бидат осудени и на доживотен затвор.

Тунелот ги поврзува складиштата во Тихуана и Сан Диего, со магацини кои овозможувале криење на камиони натоварени со дрога.