Тајфунот „Хаијан“ одзеде над 1200 животи на Филипините, евакуирани над 100 илјади жители

Филипинскиот Црвен крст проценува дека над 1200 луѓе ги загубија животите по налетот на еден од најсилните тајфуни кои ги погодиле Филипините.

Супер тајфунот „Хаијан“, проследен со исклучително силни ветрови, најпрво ги погоди крајбрежните населби на централниот остров Самар, околу 600 километри југоисточно од Манила, со максимална брзина на ветрот од 315 километри на час.

Повеќе од 125 илјади жители беа евакуирани од најзагрозените области пред ударот на тајфунот. Затворени се училиштата, откажани се сите летови, а и поаѓањето на бродовите.

Виетнам евакуираше над 100 илјади жители од подрачјата кои ќе се најдат на удар од супер тајфунот „Хаијан“.

И покрај тоа што се очекува тајфунот да ослабне до неговото стигнување до Виетнам, сепак се проценува дека супер тајфунот може да предизвика огромна штета. Евакуираните жители од ниските села, привремено се сместени во засолништа во повисоките области.

Виетнамските власти ги повикаа бродовите да се вратат до брегот, а на хидроелектраните им е наложено да ги зајакнат безбедносните мерки. Националната авиокомпанија „Виетнам Ерлајнс“ ги предупреди патниците дека треба да бидат подготвени и за одложување на летовите, но и за нивно откажување.