Одбележан Светскиот ден на науката

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, денеска присуствуваше на одбележувањето на Светскиот ден на науката. На свеченоста која се се одржа на УКИМ, Ристовски истакна дека Владата редовно го зголемува процентот на учество со средства во научно-истражувачката дејност. Додаде дека во континуитет се преземаат и конкретни мерки за подобрување на оваа дејност, односно донесена е Стратегија за иновации 2012-2020 и Законот за иновациска дејност, во постапка е формирање фонд на иновации, а во фаза на изработка е и национална програма за високо образование и научно-истражувачка дејност.

РМ неодамна потпиша и Регионална истражувачко-развојна стратегија за иновации на Западен Балкан која ќе овозможи заеднички настап на земјите од овој регион пред ЕУ-фондовите

„Оваа година некаде околу половина милијарда денари, во проекциите за следната година околу милијарда денари имаме предвидено за обврски кои треба да ги реализираме за поддршка на научно-истражувачката дејност поврзана со лаборатории, набавка на нови изданија од проектот за превод на илјада учебници од најпознатите светски универзитети. Не можам и не сакам да кажам дека не може повеќе, но нашата цел како Влада е во континуитет да ги зголемуваме инвестициите во науката и за тоа имаме многу јасно дефинирана цел, стратегија и план“, рече Ристовски. 

Ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски, рече дека универзитетот со својот научен потенцијал, се вклучува во проекти кои го засегаат современиот свет, како истражувања на озонската обвивка, производство на здрава храна, заштита на водите. Истражувањата на УКИМ резултираат со голем број научни трудови, од кои многу се објавени во меѓународни списанија со фактор на влијание. Стојковски истакна дека тоа се должи на новите лаборатории набавени преку програмата на Владата на РМ за опремување на факултетите од сите јавни универзитети. 

„Мора да бидеме искрени дека во една светска криза нашата држава успева да најде начин да ја помогне науката. Задоволството не е само мое лично, туку од сите научни работници, зашто речиси и да нема факултет или институт на УКИМ кој не беше вклучен во оваа програма. Не секогаш вложувањето во науката треба да биде директно во истражување. Во овој момент за нас е добредојдено ова вложување во ресурси, бидејќи секое квалитетно истражување претполага да се има добри и квалитетни услови и опрема од европски и светски производители, затоа што се повеќе за трудовите во списанија со импакт-фактор се води сметка на каква опрема е реализирано истражувањето и колку таа е релевантна на светскиот пазар“, рече Стојковски. 

УНЕСКО годинава Светскиот ден на науката за мир и развој, го посвети на заштита на водите и резервите од вода.