Заврши состанокот на министри за култура во рамките на Форумот на словенски култури

Со усвојување на програмските активности за 2014 година, во Цетиње, Република Црна Гора, вечерва заврши состанокот на министри за култура на земјите-членки на меѓународната фондација „Форум на словенските култури“ чија цел е соработка и зближување на културите на словенските народи.

На состанокот, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која е и претседател на Управниот одбор, со своите колеги разговараше за годинашните реализирани активности во рамките на Форумот, како и за плановите и проектите со кои идната година ќе се одбележи 10-годишното постоење на оваа значајна меѓународна фондација.

Според министерката Канческа-Милевска, сите досегашни реализирани активности во рамките на Форумот имаат големи придобивки за словенските земји.

„Наредната година Форумот на словенските култури одбележува 10 години постоење, јубилеј кој нè обврзува и понатаму да продолжиме со активна партиципација во Форумот на словенските култури, да реализираме што поголем број проекти со кои ќе продолжиме да создаваме повисоки културни вредности, користејќи ја културната  сличност и различност како наш основен развоен контекст“, – истакна Канческа-Милевска.

Таа појасни дека Република Македонија, како една од земјите-основачи на Форумот на словенските култури, активно учествува во спроведувањето на повеќе проекти, меѓу кои се и проектите:  „100 словенски романи“, традиционалното одбележување на Денот на сесловенските просветители  Кирил и Методиј во седиштето на УНЕСКО, реализацијата на многубројни семинари од областа на музејската дејност и др.

По повод одбележувањето на 200-годишнината од раѓањето на големиот поет, државник и црногорски владика, Петар Петровиќ-Његош, учесниците на форумот ја посетија Националната библиотека „Ѓурѓе Црнојевиќ“ во Цетиње каде што беа донирани  дела од едицијата „100 словенски романи“, проект во кој партиципира и Република Македонија. 

Канческа-Милевска, пред министрите за култура од регионот и пред присутните гости информираше дека дел од извонредно вредниот опус  на  Његош е препеан  и  на македонски јазик, од македонскиот поет, лингвист и академик Блаже Конески.

„Меѓу првите препеви на странски дела на македонски јазик е и книгата „Горски венец“, од која во изминативе седум децении се објавени  уште десет изданија. Опусот на Његош е високо вреднуван од страна на македонската културно-научна јавност, а за тоа јасно сведочат многубројните осврти и студии објавени во македонската книжевна и научна периодика“, – рече министерката за култура, која на националната библиотека во Цетиње и подари и антологии од македонски писатели преведени на англиски јазик.

Во рамките на министерскиот состанок на Форумот на словенските култури, министерката за култура Канческа-Милевска ја отвори и патувачката изложба „Историјата на словенските престолнини низ државните архиви“, поставка која го промовира богатото историско минато на 13 главни градови на словенските земји.

Изложбата, која по повод Денот на словенските просветители  пред неколку месеци беше претставена во Париз, во седиштето на УНЕСКО, потоа во Загреб и сега во Цетиње, следната година ќе биде претставена и во Македонија.