Македонија избрана за член на Советот за човекови права на ОН

Република Македонија е избрана за член на Советот  за човекови права на Обединетите нации за периодот 1 јануари 2014 – 31 декември 2016 година. Советот претставува клучно тело на Организацијата за унапредување  на состојбата на човековите права ширум светот, како и за утврдување на нови стандарди во оваа област. За кандидатурата на Република Македонија во Генералното собрание на ОН гласаа 177 земји од вкупно 193 земји членки на Организацијата на Обединетите нации.

На состанокот на Високо ниво на 22 сесија на Советот за човекови права, за Република Македонија, министерот за надворешни работи Никола Попоски истакна: „Честа да се биде член во ова важно тело  претставува особена привилегија но и обврска. Република Македонија во континуиитет се залагаше за ефективен и кредибилен Совет за човекови права, како главен столб на машинеријата на Обединетите нации за човековите права. Тој  претставува глобален форум кој  се занимава со заштита и унапредување на човековите права преку универзално партнерство и дијалог со земјите членки на ОН. Пред се Советот мора да биде глас на поддршка и акција на сите оние чии права се прекршени во различни делови на светот“.

Изборот претставува прво членување на Република Македонија во едно од најпрестижните тела во рамките на Обединетите нации и признание за постигнувањата во сферата на промоцијата и заштитата на човековите права. Членството претставува дополнителен поттик за продлабочен ангажман на нашата држава за постојано подобрување на состојбите со човекови права во интерес на исполнувањето на обврските и заложбите од страна на државите во однос на носителите на правата ширум светот. 

Република Македонија е цврсто определена активно да придонесува во работата на  ова еминентно  тело на ОН, да соработува со државите членки и со сите други релевантни партнери, вклучително и со граѓанскиот сектор.

Република Македонија останува целосно посветена на заштитата и унапредувањето на човековите права и слободи на национално, регионално и меѓународно ниво, преку активна  вклученост во  натамошното  зајакнување и развој на  човековите  права  во рамките на ОН и другите меѓународни организации.