Бизнис можностите на Македонија претставени во Милвоки

На бизнис форумот за инвестициските можности во Македонија, што се одржа во Милвоки, САД, две компании  изразиле интерес за посета на македонската држава  и подетално запознавање со  можностите за инвестирање.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и владината економска делегација се сретнале и со врвниот менаџерски тим на компанија од металната индустрија базирана во Милвоки и посетиле дел од производствените капацитети на компанијата, соопшти Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

Со централата на компанијата „Џонсон контролс“,  присутна со инвестиции во две фабрики во Македонија, македонската делегација разговарала  за  можностите за дополнителни инвестициски проекти во блиска иднина согласно потребите за поконкурентна дестинација во Европа за дел од производството на компанијата.

Пред бизнис заедницата во Милвоки, во рамки на форумот за инвестициските можности во Македонија, директорот на Џонсон Контролс го  презентирал позитивното искуство на компанијата во Македонија. Од „Џонсон Контролс“ изразиле задоволство од успешноста на нивните две фабрики во Македoнија и искажале благодарност до македонската Влада за одличната поддршка во фазата на реализација на нивните проекти. 

Бизнис форумумот за инвестициските можности во Македонија, што се одржа во соработка со стопанската комора на поширокиот регион на Милвоки, заврши со средба на вицепремиерот Пешевски со градоначалникот Том Барет.

Минатата недела се одржаа бизнис форуми и средби со компании во Кливленд и Индианаполис. Во владината делегација  покрај вицепремиерот Пешевски се и министерот за странски инвестиции, Бил Павлески, директорот на ДТИРЗ, Виктор Мизо, амбасадорот на Македонија во САД, Зоран Јолевски и економскиот промотор, Дејан Величков. Утре делегацијата продолжува со  посета на Минеаполис.