Ристовски: Наставниците се нашиот најголем партнер во спроведувањето на реформите

Во организација на Платформата на Западен Балкан за образование и обука на Европската комисија, денеска во Охрид беше отворена дводневна регионална конференција посветена на методите за подобрување на улогата на наставниот кадар во образовниот систем, на која покрај претставнци на образовните системи на државите од регионот присуствуваат и нивни колеги од држави од централна Европа кои се веќе членки на Европската Унија, како и генералниот директор за образование и култура на Европската комисија, Јан Трушчински.

„Врз основа презентираното, заедничка констатација е дека независно од каде доаѓаат наставниците, во принцип проблемите се слични, воглавно интензивирање на користењето на информатичката технологија, познавање странски јазици и методолошкиот принцип на пренесувањето на знаењата на учениците“, – нагласи министерот за образование и наука Спиро Ристовски и напомена дека собирот во Охрид е исклучителна можност за размена на искуствата во односната материја од периодот на трансформација на образовните системи во постранзиционите периоди во земјите кои станаа членки на ЕУ, како и за презентација на реформите што Македонија ги спроведува во образованието.

Министерот Ристовски особено ја истакна потребата од целосна и навремена презентација на реформите и новите наставни методи, со цел наставниците да бидат главните партнери во нивната имплементација.

„Нашиот најголем партнер во спроведувањето на овие реформи се токму наставниците, тие ни се денеска главната цел, пред се методите за нивна мотивација во подобрување на наставниот процес во целина. Очекувам дека финалните заклучоци од конференцијата ќе резултираат со регионални тренинзи и обуки посветени на наставниот кадар“, – рече Ристовски.

Министерот Ристовски потсети дека во принцип, генерално човечката природа скептично прифаќа каква било новина, но истовремено им порача на наставниците дека ниту една реформа во образованието нема да се спроведува насила или без соработка и поддршка од самите нив.

„Свесен сум дека некои од реформите се прифаќаат полесно некои потешко, но сите заеднички мора да работиме на континуирано подобрување на образовниот процес. Тоа е жива материја, не се организира еднаш засекогаш односно тој постојано се менува“, – додаде тој.

Десанка Радуновиќ претседател на Националниот совет за образование на Република Србија, укажа на потребата секоја од државите од регионот да има стратегија и планови за подобрување на образовниот систем, што ќе бидат препознаени и поддржани од ЕУ, пред се преку искористување на примерите на добра практика.

„Периодот на транзиција остави длабоки траги и врз образовните системи на земјите од регионот. Образовниот систем тешко се урива, но исто така и тешко се гради. Стравувам дека некако низ таа транзиција премногу се посвети внимание на приватизацијата во образованието, што не е лошо доколку истото се спроведува преку осмислена стратегија и контрола на квалитетот“, истакна таа.