Претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски и официјално претставен во Комисијата за фудбал на УЕФА

На 21 ноември во Нион, претседателот на фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски беше и официјално претставен како член на Комисијата за Фудбал на УЕФА, со свечено доделување на златна значка од страна на претседателот на УЕФА, Мишел Платини.

Оваа комисија на УЕФА има за цел да поттикне размена на мислења за заштита и понатамошен развој на фудбалската игра; да подготвува предлози за прашања поврзани со репрезентациите и клубовите, правилата на игра, заштита и имиџ на играчите, како и останати фудбалски прашања кои имаат влијание врз фудбалската игра. Членовите на оваа комисија исто така имаат улога на амбасадори/претставници на УЕФА на професионалните, младинските и грасрут активностите, на курсевите и на конференциите на УЕФА. Кога ќе се укаже потреба, оваа комисија ја дава својата експертска помош при изготвувањето на разни технички извештаи.

Имајќи ја во предвид важноста на овластувањата на комисијата, разбирливо е членството на звучни фудбалски имиња, како што се Дејан Савичевиќ (Црна Гора), Луис Фиго (Португалија), Иван Чурковиќ (Србија), Фарук Хаџибегиќ (БиХ), Збигњев Бонек (Полска) и Давор Шукер (Хрватска), кои рамо до рамо со претседателот Ѓорѓиоски ќе го даваат својот придонес кон  развојот на европскиот фудбал во целост.