Засадени палми во продолжение на Холандскиот парк по повод „Денот на дрвото“

Подигнување на свеста кај населението во Македонија за обновување на зеленилото и за обновување на шумите во Македонија е целта на акцијата „Денот на дрвото“.

Во продолжение на Холандскиот парк денеска по повод утрешниот ден „Ден на дрвото- Засади ја својата иднина“, палми засадија градоначалникот Бакрачески, претставници на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ и претставници на Факултетот за туризам и угостителство.

„Акцијата „Ден на дрвото“ според мене е една од најдобрите и најкорисни активности што Владата на РМ во изминатите неколку години ја спроведува и која што има за цел да ја подигне свеста кај населението во Македонија за обновување на зеленилото и за обновување на шумите во Македонија. Така да и ние како Општина од денес активно се вклучуваме во оваа акција и упатуваме апел до граѓаните на Охрид што помасовно да се вклучат во оваа акција“. – истакна градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески.

Јавното претпријатие „Охридски Комуналец“ секогаш директно учествува во ваквите акции, а со тоа да допринесе за чиста животна средина, односно за унапредување на животната средина.

„Денешниот ден нека биде поттик за секој граѓанин од општина Охрид, со своето учество сам да допринесе и да биде учесник во акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“. Сите палми се некаде 70 и сите треба да се засадат. Палмата е прилагодена на нашите услови и ќе успее. Овие палми се од Дојран донесени и се малку повисоки од оние стандардните кои ние ги имаме во нашиот расадник. Затоа во зимниот период ќе ги заштитиме“. – рече директорката на ЈП „Охридски Комуналец“ Елена Скрческа.

Во денешната акција се приклучи и Факултетот за туризам и угостителство, односно деканот проф. д-р Сашо Коруновски кој што истакна дека ваквите акции се од огромно значење за Охрид.

„Факултетот за туризам со големо задоволство се приклучува кон ваквите акции кои што се исклучително важни  не само за денешните генерации туку и за идните, но се разбира ако Охрид претендира да биде туристички град, таков град без зеленило не може да има такви претензии. Што повеќе зеленило, што повеќе дрва во нашата околина тоа ќе биде богатство за нас и богатство за оние што ќе го гледаат овој прекрасен град“. – рече проф. д-р Коруновски.

На оваа акција и се приклучија и претставници од Универзитетот за информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле“ Охрид, на чело со проректорот Иван Бимбиловски.

„Денот на дрвото е посебен празник кој се разликува од останатите празници. Сите празници го слават минатото, овој празник ја слави иднината. Убаво е да се сади дрва“. – истакна Бимбиловски.

Поради спроведување на есенската акција „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ утре е неработен ден за сите граѓани. На „Денот на дрвото“ ќе се засадат 8000 садници претежно чемпрес и кедер во месноста „Мазатар“ кај селото Горно Лакочереј, во близина на црквата „Св.Спас“.

WebOhrid