Црвен крст утре ќе го истакне значењето на волонтерската активност по повод Светскиот ден на волонтеризмот

 По повод 5-ти декември, Светскиот ден на волонтеризмот, Црвен крст Охрид со волонтерите на средба ќе го истакне значењето на волонтерската активност и дејствување, и волонтерството како глобален феномен и фундаментална човечка вредност која ги развива основните постулати на граѓанското општество: почитување на разликите, хуманоста, одговорноста за други, одговорноста за своето мислење, одговорноста за својот избор итн.

 Воедно, на средбата ќе биде и официјално најавен почетокот на новата волонтерска, хуманитарна кампања на Црвен крст Охрид насочена кон подобрување на животот на ранливите категории на луѓе од Охрид.

 Во рамки на централната свечаност во организација на Министерството за труд и социјална политика на РМ и Црвениот крст на РМ, во Скопје, на Црвен крст Охрид ќе му биде доделено признание за посебни заслуги во остварувањето на целите и задачите на Црвен крст на Република Македонија, како и за развој на волонтерски практики преку вклученост на најголем број на волонтери, за докажана проактивност, континуирана заложба за помош на различни целни групи, надградба на волонтерски капацитети кои укажуваат кон директна поддршка на терен за помош на оние на кои им е неопходна, но и за унапредување на капацитетите на организацијата и развој на националното друштво.

 Средбата ќе се одржи во просториите на Црвен крст Охрид на 5.12.2013 г. (четврток) со почеток во 11:00 ч.