Официјално промовирани новите кумови за „Водици“

На свечената седница на Здружението на граѓани Богојавление, што се одржа во големата општинска сала, градоначалникот Никола Бакрачески и господинот Сашо Симески и официјално беа промовирани како нови кумови на најголемиот христијански празник за охриѓани „Богојавление – Водици“.

„На овој голем празник Воведение на Пресвета Богородица, имам задоволство да соопштам дека понудениот предлог на Здружението на граѓани Богојавление, го прифатив кумството за 2014 година, заедно со мојот најдобар другар со кого што не врзува кумство и во приватниот живот господинот Сашо Симески. За мене ова претставува чин на предавање на една од најголемите духовни и хумани вредности, со кој што може да се закити еден охрѓанец или граѓанин на Република Македонија и претставува своевидна човечка и хумана обврска, да се споделуваат хуманите, духовните, традиционалните и верските позитивни вредности меѓу населението во Охрид, да се служи на граѓаните на Охрид, на граѓаните на Република Македонија и да се развива позитивниот дух кај истите“. – изјави градоначалникот Никола Бакрачески.

Градоначалникот Бакрачески меѓу другото упати голема благодарност до здружението Богојавление, за нивната афирмација и промоција на ова овој голем верски и охридски празник, со што овој празник стана бренд кој е препознатлив за градот Охрид. Исто така упати голема благодарност до сите охриѓани, со желби во текот на 2014 год. да бидеме посплотени, посоединети, да развиваме позитивни вредности меѓу нас и да бидеме благословени.

За време на чествувањето е планирано да се прошират редовните активности и да се прошири програмата кој што изминативе години се реализираше за време на овај празник. Програмата ќе трае од 17-ти до 20-ти јануари.  На 17-ти јануари вечерта, планирано е да се одржи голем концерт во спортскиот центар „Билјанини извори“. Во текот на 18-ти бидејќи е Водопост, голем празник, ќе се организира културно – уметничка програма која ќе соодејствува со празникот и со религиозните обичаи и традиции во Охрид. И на 19-ти и 20-ти јануари најголемиот дел од програмата ќе го подготви Здружението на граѓани Богојавление, а Локалната самоуправа ќе даде силна подршка, со материјални средства и со логистика, за адекватна реализација на овој празник.