Јанкулоска: Сите заеднички треба да се грижиме за безбедноста

Безбедноста зависи од сите нас и сите заеднички треба да се грижиме за неа. Полицијата е таа која ги има овластувањата и има најголема одговорност околу анализите, проектите и мерките кои се преземаат, но без соодветна поддршка од граѓаните резултатите, што ги посакуваме и јавноста ги очекува од нас не можат да бидат задоволителни, истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Затоа, како што додаде на денешната прес-конференција по повод одбележувањето на 9 декември – Денот на превенција, се промовира проектот „Полицијата блиска до граѓаните“ и се зголемува соработката и присуството во заедницата.

„Превенцијата и соработката меѓу полицијата и граѓаните претставува наша стратешка определба со цел доближување до европските стандарди во сите области на работење на полицијата. Со реформите во Министерството, организацијата и надлежностите на полицијата, целосно се насочени, кон развивање на полициска служба, што во соработка со локалното население ќе овозможи подобрување на квалитетот на живеење, заштита на правата и обезбедување мир и сожителство меѓу сите граѓани во Република Македонија“, рече Јанкулоска.

Во рамки на одбележување на Денот на превенцијата, на 9 и 10 декември полицијци ќе посетат градинки и училишта, а е планирана и посета на ученици на полициските станици, средби со партнерите со кои во изминатиот период полицијата имаше соработка, а ќе бидат промовирани и проектите на кои Министерството работело во текот на целата година.

За 2014 година Јанкулоска најави почнување проекти за посета на стари лица што живеат во одреден безбедносен реон, неформални средби со граѓани, средби со нови станари и обиколки на згради, разговори и размена на мислења со студенти сместени во студентските домови, состаноци со бизнис заедницата…

„Предвидовме поттикнување и развивање училишни тимови за безбедност во кои директно партиципираат ученици, присуство на полицијата во автобусите, автобуските постојки и пред училиштата. За новогодишните празници отсеците за превенција ќе работат на превенирање пиротехнички средства и огнено оружје под мотото „Среќни и безбедни празници“,“ информира ресорниот министер.

Таа потсети на неодамна промовираниот проекти „Скопје град без насилство“, чија цел беа младите кои неретко се инволвирани во разни инциденти. Дел од акциските планови е активноста полицијата и граѓаните заедно, со која се опфатени претседатели на урбани и месни заедници, стари и изнемоштени лица, кои се идентификувани како ранлива категорија, ученици во основни и средни училишта, млади во ризик, членови на ловни здруженија, бизнис групи и заедници,…

„Веруваме дека ваквиот начин на работење е една од основните причини поради кои во анкетите на ОБСЕ, поддршката и довербата на граѓаните е на највисоко ниво во изминатите 12 години, период во кој секоја втора година се испитува јавното мислење на граѓаните“, рече Јанкулоска.