Се повеќе документи се добиваат електронски наместо на шалтери

Со проектот „Интероперабилност“ илјада граѓани месечно наместо да одат на повеќе шалтери низ државните институции за документи, веќе можат да ги добијат електронски, информира денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

За ефектите од користењето на информатичко-комуникациските технологии во работењето на администрацијата и следните чекори на Владата за отворање на податоците на институциите и користењето на клауд платформата Ивановски говореше пред учесниците на регионалната конференција „Вистински импакт за подобро владеење“, што се одржува во Скопје, во организација на  Мајкрософт.

Според Ивановски, секоја недела над 250 граѓани кои барале документи од повеќе институции, се обратиле само на еден шалтер, а  останатите документи  ги добиле електронски.

„Тоа значи дека 1.000  граѓани месечно веќе не треба да одат од шалтер до шалтер за услуги. Тоа е фокусот на програмата на МИОА и се врши надградба на системот да ги поврземе сите институции  на овој автопат за размена на електронски податоци за да можат сите да бидат услужно ориентирани. Фокусот ќе ни биде да ги намалиме патувањата на граѓаните низ шалтерите, а институциите да  немаат потреба да ги дуплираат базите на податоци, затоа што со тоа се дуплираат  и трошоците“, изјави Ивановски. 

Отворањето на податоците, посочи, е една од  нашите најголеми иницијативи за транспарентност во работењето на Владата. 

„Транспарентноста е најголемата  вакцина за корупцијата. Токму со тоа мото продолжуваме да го изработуваме  новиот закон за отворени податоци, што наскоро ќе биде достапен за граѓаните  и ќе може да  видат кои институции  во кој рок во дигитален формат ќе ги отворат сите информации кои ги имаат јавно  достапни за граѓаните според Законот за слободен пристап до информации. Со тоа секој ќе може да ги користи податоци и да генерира апликации  и содржини што ќе придонесат за повисок брутодомашен производ“, појасни министерот Ивановски.

Според него, користењето на клауд платформата е веќе започната со неколку институции.

„Се искористуваат  решенија базирани на клауд платформа со тоа што ќе се следи ефикасноста од користењето на овие технологии и колку ќе има заштеда институцијата за да се направи квалитетна стратегија во соработка со Светска банка, за што се понуди да помогне Мајкрософт“, рече Ивановски. 

Стеван Плавјански, менаџер  на Мајкрософт за Македонија и за Косово, нагласи дека користењето на клауд платформата ќе понуди поквалитетни сервиси за граѓаните за помалку пари.

„Сервисите ќе бидат полесно достапни за граѓаните на целата територија на државата, а инвестициите  од страна на државата ќе бидат многу пониски“, рече Плавјански.

Покрај од експерти за решенија за јавниот сектор од Мајкрософт, на конференцијата учествуваат претставници од владите и од ИТ компании од Македонија, Косово, Бугарија, Албанија и Босна и Херцеговина.

Регионалната конференција ќе продолжи утре со дебата за безбедноста  во користењето  на информатичките системи во јавниот сектор.