Изложба на фотографии на Фото клуб „Охрид“ во просториите на „Охридско Лето“

Вечерва во просториите на „Охридско Лето“, во рамките на активностите за одбележување на празникот Свети Климент Охридски беше отворена 15-та традиционална изложба на Фото клуб „Охрид“.

Како дел од годинашното празнување, во низата на бројните културни содржини, љубителите на уметноста имаа прилика да уживаат во фотографската уметност на 10 тината автори чии фотографии од денес па во наредните два дена ќе бидат изложени просториите на Фестивалот. 

Претседателката на Советот на Општина Охрид Гордана Коњановска која ја прогласи изложбата за отворена, рече дека зад секоја слика има 15 години ентузијазам и љубов, а изложбата станала нераскинлив дел од големиот празник, значаен посебно за Охрид.

„Овој празник е пособно значаен за нас охриѓани. Таа духовна прашина што Св Климент ја оставил на овие простори, пред повеќе од 10 века, секогаш се материјализирала во уметноста, луѓето сликале фрески, цртале икони, резбале во дрво. Секое уметничко дело никнато на овие простори е светиклиментова духовна прашина“, рече Коњановска.  

Боро Рудич, претседателот на Фото сојузот на Македонија потенцира дека фотографијата има голема улога во афирмацијата на културата на Македонија.

„Благодарејќи на упорната работа на клубовите и ентузијазмот на членовите на Фото сојузот денес фотографијата е уметничка дисциплина рамноправна со другите уметности“, рече Рудич.

Свеченоста беше збогатена со звуците на младите музичари Татијана Георгиеска, гитара и Наум Трајчески, кларинет.