Груевски: Ја претставивме вистинската слика за Македонија, на Советот е да одобри почеток на преговорите

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, во рамки на дипломатската офанзива и проактивност во пресрет на Самитот на Европскиот совет, денеска во Брисел се сретна со првиот човек на Советот, Херман ван Ромпуј на кого му ги претстави напорите на Владата во однос на реформската агенда поврзана со Европската унија.

Информациите од средбата говорат дека Ван Ромпуј покажал интерес за напорите и чекорите што ги прави Македонија во однос на евроинтеграциите, нагласувајќи дека за отворање на преговорите за членство е неопходна согласност од сите змеји-членки на Унијата. Тоа значи дека ЕУ останува на ставот дека треба да се надмине наметнатиот спор за името со Грција за Македонија да го добие заслуженото што последниве пет години го препорачува и Европската комисија.

Во изјава за МИА, премиерот Груевски вели дека тој го запознал неформалниот челник на Унијата со главниот фокус на македонската Влада, активните реформи и напорите за економски напредок со цел подобрување на стандардот на граѓаните во нашата земја.

„Средбата со претседателот на Европскиот совет ја договоривме пред околу 10-15 дена и беше на наше барање. Ние сакавме да ги презентираме нашите аргументи во однос на нашиот напредок што го очекуваме во иднина. Зборувавме за реформите што ги правиме во земјата, за она што е постигнато, за проблемите со кои сме се соочувале во минатото и како истите ги решававме. Разговаравме и за оние проблеми што сега ги имаме. Се фокусирав во голем дел на многуте реформи што ги направивме, и во делот на економијата и во делот на судскиот систем и администрацијата, посебно најновиот закон што го имаме во овој дел“, истакна Груевски.

Според македонскиот премиер, тој ги образложил сите позначајни работи поврзани со Македонија со цел да му ја долови сликата на Ван Ромпуј за она што реално се случува во земјата.

„Да побарам негова понатамошна обврска во однос на нашите очекувања за во иднина и со надеж дека ќе се најде начин што побрзо да се надмине единствената пречка што ја имаме за следниот чекор што го очекуваме, а тоа е почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ“, додава Груевски.

Претседателот на македонската Влада вели дека со првиот човек на Европскиот совет размениле мислење околу сите позначајни факти поврзани со Македонија.

„Мислам дека господинот Ван Ромпуј директно од нас доби вистинска слика за она што се случува во Македонија оти кај секој политичар овде пристигнуваат различни информации од различни страни. Ценевме дека е добро да ја слушне нашата страна, да му ги презентираме нашите аргументи, тоа го направивме, како во делот на реформите, но и во сите други области што се значајни и за кои тој пројави интерес“, додава Груевски.

Портпаролот на Ван Ромпуј, Дирк Де Бакер, од Брисел, уште пред средбата, појасни дека челникот на Советот нема да даде никаква изјава за разговорите од средбата, ниту дека ЕС ќе излезе со соопштение за деталите од истата.

Инаку, по оваа средба во Советот, премиерот Груевски замина на работен ручек со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ на кои се очекува да им ги објасни чекорите на Владата за зачленување во Унијата и да им испрати порака дека Македонија е целосно подготвена да ги почне пристпаните преговори повеќе од било-која друга земја-кандидат и дека тој процес е главна стратешка цел на Владата на Република Македонија.

Попладнево, претседателот на Владата ќе оствари посета на белгиската универзитетска болница во Лувен со цел со менаџментот на овој врвен универзитетски центар да ги разгледа можностите за поблиска соработка и едукација на македонски медицински персона.

Во вечерните часови од неговата еднодневна работна посета на Брисел, премиерот Груевски се очекува да има обраќање во европската канцеларија на германската фондација “Конрад Аденауер” и да говори за реформските процеси во Македонија, со фокус на економските перформанси што се прават на тој план.