Ден на човековите права

Генералното собрание на ОН во 1950 година го прогласи 10 декември како Ден на човековите права, со цел да се привлече вниманието на народите ширум светот, со Универзалната декларација за човекови права како општ стандард на достигнување за сите луѓе и народи.

Оваа година, Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН одбележува 20 години од нејзиното формирање.

Генералното собрание на Обединетите нации го создаде мандатот на Високиот комесаријат за промоција и заштита на човековите права во декември 1993 година. Генералното собрание делуваше по препорака од делегати на Светската конференција за човекови права што се одржа во Виена истата година.

Виенската декларација и Програма за акција, усвоена од страна на Светската конференција, го означи почетокот на обновување на напорите за заштита и промоција на човековите права и се смета за еден од најзначајните документи за човекови права на изминатиот четврт век.

„Како што ја одбележуваме 20-годишнината од Виенската декларација и Програмата за акција, дозволете ни да ги интензивираме нашите напори за да ја исполниме нашата колективна одговорност за промовирање и заштита на правата и достоинството на сите луѓе насекаде.“ – истакна генералниот секретар на ОН , Бан Ки-Мун.